БОРЦИТЕ СО БАРАЊЕ ДО ПАРТИИТЕ Стоп за улици именувани по фашисти и нацисти

Иницијативата доаѓа по реакциите за предложените имиња на улици во Тетово, меѓу кои, според борците, има и соработници на фашистичкиот окупатор.

БОРЦИТЕ СО БАРАЊЕ ДО ПАРТИИТЕ Стоп за улици именувани по фашисти и нацисти
Фото: Принтскрин

Сојузот на борци од Тетово побара законски измени со кои изречно ќе се забрани именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти по личности или организации поврзани со фашизам, нацизам и тероризам.

Барањето е доставено до координаторите на пратеничките групи со повик да започне постапка за измена на Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Од тетовскиот Сојуз на борци велат дека иницијативата е поврзана со измените на Законот за здруженија и фондации од ноември 2022 година, со кои беше воведен законски филтер за регистрација на здруженија и клубови поврзани со фашистички идеологии.

„Барањето кое го доставивме е соодветно и комплементарно на измените направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации од 8.11.2022 година, кога се направи законски филтер со цел спречување на регистрацијата на бугарските профашистички клубови низ државата“, посочуваат од Сојузот.

Дополнително, тие бараат при секоја постапка за именување улица или друг инфраструктурен објект, покрај задолжителната претходна согласност од Владата, Советот на општината или на Градот Скопје да биде обврзан да побара и мислење од Комисијата за имиња.

Од Сојузот сметаат дека Комисијата, како стручно тело формирано согласно Законот за здруженија и фондации, треба да има улога во спречувањето на именување јавни објекти по личности и организации поврзани со фашизмот, нацизмот и тероризмот.

„Очекуваме позитивен приод од сите пратенички групи и итно отпочнување на законодавна постапка“, велат од тетовскиот Сојуз на борци.

Тие нагласуваат дека антифашизмот го сметаат за една од темелните вредности на македонската држава.

Иницијативата доаѓа по неодамнешната реакција на Сојузот на борци од Тетово за предлог-имињата на улици во градот, изготвени од работната група во рамки на Општина Тетово.

Од Сојузот тогаш посочија дека меѓу предложените имиња има и личности за кои тврдат дека биле соработници на фашистичкиот окупатор.

ТЕТОВО ЈА МЕНУВА КАРТАТА Откриена листата со 74 нови имиња за улиците

CATEGORIES
Share This