БАЧЕВ СО ПОРАКА ДО МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈНИЦИ Бидете спокојни, доаѓа ново време – Армијата повторно ќе биде на Република Македонија

Лидерот на Единствена Македонија порача дека борбата за враќање на името Република Македонија останува приоритет и дека постојат меѓународно-правни основи за преиспитување на договорот со Грција.

БАЧЕВ СО ПОРАКА ДО МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈНИЦИ Бидете спокојни, доаѓа ново време – Армијата повторно ќе биде на Република Македонија
Фото: Единствена Македонија

Претседателот на Единствена Македонија, професор Јанко Бачев, по повод Денот на Армијата упати честитка до припадниците на Армијата:

„Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Дозволете ми најпрвин да ви го честитам Денот на Армијата и да ја истакнам вашата континуирана посветеност во заштитата на територијалниот интегритет и безбедноста на државата.

На денешен ден, во 1943 година, во славната Дебарца беше формирана првата воена единица на Народноослободителната војска – баталјонот „Мирче Ацев“, кој подоцна прерасна во темелот на македонската армија. Македонските борци, заедно со сојузничките сили се изборија за слобода и за победа над фашизмот.

За жал, денес, 83 години подоцна, сведоци сме на обиди за бришење и релативизирање на македонската историска и воена традиција, вклучително и на значењето на АСНОМ и Илинден, што претставува сериозен удар врз националниот идентитет и врз историскиот континуитет на македонската држава и Армија.

Но, сакам да им порачам на македонските војници да бидат спокојни. Доаѓа ново време во кое обврска на сите нас ќе биде да го вратиме достоинството на државата и нејзиното уставно име – Република Македонија. Со тоа повторно ќе ја имаме и Армијата на Република Македонија, како што историски и природно ѝ припаѓа.

Постојат меѓународно правнo признати – основи за поништување на договорот со Грција и за враќање на името Република Македонија. Единствена Македонија ќе продолжи да се залага за оваа цел и за враќање на целосниот државен и национален суверенитет.

Почитувани припадници на Армијата,

Вие сте чувари на државата и на нејзиниот суверенитет. Вашата чест, професионализам и посветеност заслужуваат највисока почит.

Дозволете ми уште еднаш, од мое лично име и од име на Единствена Македонија, да ви го честитам Денот на Армијата, со желба за здравје, успех и гордост во извршувањето на вашата света должност кон Македонија.

Нека живее Република Македонија!“

CATEGORIES
TAGS
Share This