ФРЧКОСКИ ГРЕШИ ЗА ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА Протоколите се нејзиниот главен столб

Авторот тврди дека протоколите се клучниот механизам преку кој Софија може да го условува европскиот пат на Македонија и бара итно расчистување на односите со Бугарија.

ФРЧКОСКИ ГРЕШИ ЗА ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА Протоколите се нејзиниот главен столб
Фото: Национал

Колумна, Национал
Амбасадор Ристо Никовски
Вторник, 18 август 2026 година

Ако сегашната власт се обидува да си го спасува образот, според интервјуто на Фрчкоски („Власта сега си го спасува образот“, „Слободен печат“, 4/8/2026), тој самиот уште повеќе настојува да го скрие срамот на неговата љубима партија, која со капитулации ја донесе земјата во овој безизлез! А, кога се брани неодбранливото, обично се прават истите грешки.

Така, исто како и сегашната власт, и тврдењето на Фрчкоски дека протоколите не се дел од преговарачката рамка е апсолутно погрешно. Тие не се дел од рамката, туку нејзиниот главен столб. Имаат и сосема прецизна цел да го спречат приемот на Македонците во Унијата! Токму така.

Во јануари 2017 година, веднаш откако му заврши мандатот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев прв го откри планот „Македонија може во ЕУ, ама не и македонизмот“, поточно Македонците! И, еве, таа политика на „западните демократии“, кои кон Македонија најчесто користат груба сила, филигрански се спроведува најмалку последниве 10 години, и е во фаза на финализација. Или, зошто со промена на Уставот, треба да бидеме бугаризирани?

Инаку, Фрчкоски, ама и сегашната власт, ако се толку сигурни дека протоколите не се (ниту!) дел од рамката, како ќе ни објаснат дека нејзин клуч, основа, главна пречка, услов… за нашите преговори е ултиматумот за промена на Уставот? Зарем никој не им кажал дека тој ултиматум произлегува од вториот протокол, кој е намерно така срочен, за да го спречи приемот на македонизмот во Унијата? Никаде на друго место не се споменува наша обврска да го менуваме Уставот!

Ако е така, а нема дилеми, значи дека протоколите се клучен дел од рамката. Нејзин стожер. Преку рамката, вториот протокол ни ја крои судбината: од него не зависи само дали ќе преговараме, или не, туку многу повеќе. А тој е целосно нелегален и неважечки, надвор од меѓународното право, и без правно дејство. Според член 13, од договорот за (не)пријателство, тој е негов анекс, или нов договор, кој морал да биде ратификуван. А, не бил. Затоа, нема правно дејство, и не му е место во рамката.

И, не само тој. Во точка 5, од рамката, се нагласуваат „и годишните прегледи (протоколи, де!) и мерки за негово (на договорот) ефективно спроведување според член 12…“. Значи, сите протоколи што, според договорот треба да се потпишуваат меѓу Македонија и Бугарија „на редовни средби еднаш годишно“, се важен дел на рамката, кој ќе биде стриктно контролиран од Софија! А протоколите, практично, можат да бидат резултат само на евентуален договор постигнат во Историската и образовна комисија (Гоце, Илинден…), што е веќе невозможно без наши нови и дефинитивни капитулации и предавства, пострашни од тие на љубимците на Фрчкоски! Протоколите се за тоа и измислени да ја форсираат „заедничката историја“, како главен доказ дека сме „Бугари по род“. За среќа, веќе нема нови протоколи, и не смее повеќе да ги има. Доста беше! За осум години, има само два. А, ако нема нови, нема да има ни преговори. Преку рамката, Бугарија нема да ги дозволува. Толку е просто.

Оценката на Фрчкоски „ние имаме преговарачка рамка. Треба да си ја завршиме нашата работа“, е тешка грешка! Зарем не му е јасно дека рамката е така срочена и Македонија и Македонците никогаш да не станат дел од ЕУ? Не само заради фактот дека ЕУ веќе нема да се шири како до сега.

И тврдењето на Фрчкоски дека „нема закана за македонскиот јазик и идентитет. Напротив, тоа е дополнително потврдено“, е невидена измислица и лага. Во документите на рамката се вели „ЕУ ги ‘зема предвид‘ соодветните еднострани декларации на двете земји за македонскиот јазик“. Значи, тој е на тапет! Македонската е намерна политичка капитулација, целосно во корист на Бугарија. Меѓу другото, сме изјавиле „… јазикот ни е кодифициран во 1945…“! А каде се Ѓорѓија Пулески, Крсте Мисирков… Ова, вака, е директна потврда дека сме измислица на Тито! Демек, постоиме од 1945! Како што тврди и Софија!

Бугарската, пак, тврди дека македонскиот јазик не постои! А Брисел, тоа „го зема предвид“! Во дипломатијата, тоа значи дека македонскиот јазик е ставен на маса, дека е официјално оспорен, и ќе биде тема на преговорите. А, со тоа, оспорен е и народот! Друго ќе беше ако Брисел, само „ги нотираше“ едностраните декларации! Тоа не создаваше обврска. Апсолутно намерно, тие беа „земени предвид“, за полесно да нѐ избришат!

Фрчкоски е во право дека „… Македонија не е заложник на Софија…“, ама намерно избегнува да каже дека земјата е жртва на историските грешки на претходната власт, направени во корист на Бугарија. Точно е и дека сегашната власт создаде одредени нереални очекувања, преку погрешни оценки на одредени настани од минатото, со кои сме доведени во ќор-сокак. Факт е и дека власта не е спремна да ги поништи историски штетните договори, што ги направија милениците на Фрчкоски, почнувајќи од вториот протокол, и нѐ доведоа до ова дереџе.

За сето ова да се разбере, прво треба да се може, а дури потоа и да се сака. Тоа претпоставува давање приоритет на вистината и објективноста, на сметка на партиски и лични интереси. Во ситуации, пак, кога се обидуваш да ги браниш нив – неизбежно верглаш глупости.

Клучно во целиот галиматијас е дека итно мораме да ги расчистиме односите со Бугарија. Мора да ни биде кристално јасно дека, ако не ја присилиме, Софија нема никогаш да ги промени своите политики на негирање на сè македонско! Затоа, прво мора да го откажеме вториот протокол, а веднаш потоа да се бара и целосен меѓусебен реципроцитет и таму Македонци, овде Бугари. Со која памет би ставале ние измислени „Бугари“ во нашиот Устав, а тие не признаваат дека ние постоиме како народ?! Тоа е целосно надвор од умот и тотална будалштина. Светот мора тоа да го разбере.

Без реципроцитет во односите, нема што да бараме во ЕУ. Во дадените услови, и утре да го смениме Уставот, задутре тоа да важи, и за недела дена да ги започнеме преговорите и за три месеци да ги завршиме и нема никаде да стигнеме. Софија нема никогаш да го ратификува нашето членство, ако не прифатиме дека сме „Бугари по род“, со јазик нивен дијалект, и со заедничка, бугарска историја.

Ние сме на потег. Реториката на новата власт ја промени ситуацијата. Сега, мора да се тргне во акција и да се елиминираат катастрофалните обврски што ги прифатија претходниците и кои, во никој случај, не смееме да ги исполнуваме. Тоа е дипломатска рутина, ама мора да се има храброст, за што нема индикатори. Опозицијата, пак, мора да се соочи со своите историски грешки, и да престане да бара промена на Уставот. Тоа е наше понижување, не нѐ води никаде, и е чист бугарски интерес. Неопходна им е катарза.

Ваков развој ќе отвори и простор барем за минимална меѓупартиска согласност околу фундаменталните интереси на македонскиот народ, кој е загрозен, и на државата. Трето нема. Тоа ќе спречи и меѓуетнички злоупотреби, што се случуваат во последно време, како резултат на крајно ослабената меѓународна позиција на македонскиот народ.

Вториот протокол – скриениот услов што ја држи Македонија во европскиот ќор-сокак

CATEGORIES
Share This