СИТЕ СТАНАА НА НОЗЕ „17“ на Косара Митиќ со силна реакција на Сараевскиот фестивал

Македонскиот филм доби повеќеминутни стоечки овации, по светската премиера во Берлин и пред домашната премиера во Македонија.

СИТЕ СТАНАА НА НОЗЕ „17“ на Косара Митиќ со силна реакција на Сараевскиот фестивал
Фото: Принтскрин

Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, доби долг аплауз и повеќеминутни стоечки овации по регионалната премиера на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што се натпреварува за престижното „Срце на Сараево“. Филмот во февруари ја имаше светската премиера во програмата „Перспективи“ на Берлинскиот филмски фестивал, а сега продолжува со успешниот фестивалски пат.

Пред проекцијата, селекторката на натпреварувачката програма за долгометражен игран филм, Елма Татарагиќ, истакна дека годинава за првпат во конкуренцијата се најдоа два македонски филма. „17“ е првиот филм што го избравме за натпреварувачката програма. Тоа е дебитантски филм на режисерка која со години ја следиме преку „Синелинк“, каде што се развиваше и овој проект“, рече Татарагиќ.

Митиќ, пак, истакна дека со особена радост се враќа во Сараево, град во кој се чувствува како дома.

„Сакам да го споделам ‘17’ со вас и се надевам дека ќе остане долго со вас откако ќе се изгаснат светлата“, порача режисерката.

Филм инспириран од вистински настан

„17“ ја следи приказната за седумнаесетгодишната Сара, која заминува на училишна екскурзија криејќи голема тајна. Сценариото го потпишуваат Митиќ и хрватскиот сценарист и режисер Огњен Свиличиќ. Инспирација за приказната бил вистински настан од 2016 година, кога студентка од Скопје се породила во јавен тоалет на граничниот премин Табановце, го оставила новороденчето во канта за отпадоци и продолжила на екскурзија во странство. Митиќ нагласи дека не сакала филмот да понуди едноставни одговори, да посочи виновник или да морализира.

„Ова не е приказна за индивидуален неуспех, туку за колективна одговорност. Филмот се занимава со емоционалното насилство на молкот – со луѓето, институциите и тишините што овозможиле да се случи такво нешто“, објасни режисерката.

Таа додаде дека визуелниот пристап бил целосно подреден на перспективата на главниот лик, со цел публиката да биде физички и емоционално што поблиску до Сара.

Младите актери на иста возраст како ликовите

Продуцентот Томи Салковски откри дека филмот досега бил прикажан на седум фестивали и освоил пет награди. Домашната премиера во Македонија допрва следува. „17“ е втора заедничка работа на Салковски и Митиќ, по нивната соработка на нејзини два краткометражни филма.

Во филмот настапуваат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Особено значајно е што актерите во времето на снимањето биле на приближно иста возраст како ликовите што ги толкуваат. Кастингот траел два месеци и започнал со разговори со младите актери.

„Ова е многу повеќе од локален проблем. Присутен е насекаде во светот, што го прави уште потежок, но и уште поважен“, рече актерот Петар Маниќ.

Ева Костиќ го опиша снимањето како целосно потопување во приказната. Особено емотивна била сцената на породувањето, која била снимена во истиот јавен тоалет каде што се случил вистинскиот настан што ја инспирирал режисерката.

Позитивни оценки од странските критичари

Филмското списание „Screen Daily“ го оцени „17“ како импресивно контролирано долгометражно деби на Митиќ, додека главната актерка Ева Костиќ доби пофалби за својата прва филмска улога. Филмот е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со српската „Арт&попкорн“ и словенечката „Децембер“. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и филмските фондови на Србија и Словенија.

За филмот биле издвоени 23 милиони денари, односно околу 345.000 евра, на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021 година. Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, а монтажата ја потпишува Дејан Смилески.

Уште македонски филмови во Сараево

Македонското присуство на Сараевскиот филмски фестивал не завршува со „17“. Во документарната селекција за „Срце на Сараево“ светска премиера имаше „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, филм посветен на преживеаните од пожарот во „Пулс“ во Кочани. Во селекцијата „Тинарена“ ќе биде прикажан кусометражниот филм „Кучињата немаат соништа“ на Ханис Багашов, додека на 21 август европска премиера ќе има „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.

CATEGORIES
Share This