ОВА НЕ ГО ДАВАМЕ Муцунски ги откри црвените линии на Македонија
Министерот порача дека идентитетот, јазикот, историјата и културата се неприкосновени.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска порача дека историјата, националниот идентитет, јазикот и културата остануваат цврсти црвени линии на Македонија во сите меѓународни преговори.
Муцунски оцени дека е неправедно процесот на евроинтеграции постојано да биде блокиран со прашања поврзани со идентитетските теми. Тој нагласи дека овие позиции јасно им се пренесуваат и на домашната јавност и на меѓународните партнери.
„Црвените линии на нашата држава се поврзани со нашата историја, идентитет, јазик и култура. Тоа се црвените линии коишто ние ги поставуваме во рамки на сите разговори коишто ги водиме“, рече Муцунски.
Според него, Македонија не смета дека е праведно преговорите за членство во Европската Унија постојано да заглавуваат поради прашања поврзани со националниот идентитет, јазикот, историјата и културата.
„Тоа се нашите позиции коишто повеќе пати ги имаме претставено и пред домашната јавност, а истите позиции постојано ги нагласуваме и со сите наши меѓународни партнери“, додаде министерот.

