ВО КОСТИМИ ЗА КАПЕЊЕ СЕ КАЧУВАА ВРЗ ЦРКВА Фотографиите од Маврово предизвикаа бес

Граѓаните бараат итна реакција, санкции и засилени контроли за заштита на потопениот храм „Св. Никола“.

ВО КОСТИМИ ЗА КАПЕЊЕ СЕ КАЧУВАА ВРЗ ЦРКВА Фотографиите од Маврово предизвикаа бес
Фото: Принтскрин

Бран реакции во јавноста предизвикаа фотографиите и видеата од потопената црква „Св. Никола“ во Маврово, на кои се гледа група туристи како се качува директно врз објектот, облечена во костими за капење. Верскиот и културно-историскиот споменик, наместо да биде почитуван како место со особено значење, во случајот бил третиран како реквизит за туристичка забава.

Преку социјалните мрежи, граѓани и жители од локалното население упатија јавен апел до Општина Маврово и Ростуше, Националниот парк „Маврово“, МВР и надлежните инспекциски служби за итна реакција, контрола и санкционирање на ваквото однесување.

Тие нагласуваат дека туристите се добредојдени, но дека посетата на Маврово мора да подразбира почитување на локалните правила, културното наследство и верските чувства.

Дополнителна загриженост предизвикува и можноста со качувањето врз објектот да се предизвика ново физичко оштетување на црквата, која и онака се наоѓа во нарушена состојба. Оттаму се бара надлежните институции што поскоро да излезат на терен, да утврдат дали е предизвикана материјална штета и, доколку има основа, да ги санкционираат сторителите.

Во јавните реакции се бара и поставување јасни предупредувачки табли и правила за однесување, како и почести контроли на локацијата. Целта, како што посочуваат граѓаните, не е ограничување на туризмот, туку заштита на еден од препознатливите симболи на Маврово од неодговорно однесување.

CATEGORIES
Share This