ЈНА ПОДГОТВЕНА ЗА ВОЕНА ИНТЕРВЕНЦИЈА, АПСЕЊЕ НА ВРВОТ Но, Глигоров ја стопи ЈНА со зборови – така вели Гоцевски
Македонскиот државен врв бил во Домот на ЈНА, додека околу објектот биле распоредени вооружени војници.

Дденовиве, проф. д-р Трајан Гоцевски, првиот министер за одбрана на независна Македонија имаше неколку изјави во јавноста. Гоцевски вели дека зад мирното осамостојување на Македонија се криеја драматични моменти во кои највисокиот државен врв бил директно изложен на вооружени закани. За еден од најтешките настани од тој период сведочи првиот цивилен министер за одбрана Трајан Гоцевски во интервју за ТВ 24, во текстот на Денко Малески.
На 21 февруари 1992 година, претседателот Киро Глигоров и министерот Гоцевски се упатиле кон Домот на ЈНА во Скопје, каде ги чекал генералот Благоје Аџиќ. Според сведоштвото на Гоцевски, пред објектот и на неговиот покрив имало вооружени припадници на ЈНА, вклучително и снајперисти. Двајцата македонски функционери биле опколени од околу 40 војници и насилно внесени во зградата.
Во просторијата ги пречекал Аџиќ. Тој, според Гоцевски, му кажал на Глигоров дека дошол со намера да го уапси македонското државно раководство. На министерот за одбрана, пак, му порачал дека од повлекување на ЈНА од Македонија нема да има.
Разговорот бил проследен и со сериозни закани. Аџиќ, според сведоштвото, предупредил дека југословенската авијација може да го нападне и разурне Скопје, при што како можна цел ја споменал и претседателската резиденција.
И покрај едночасовниот притисок и заканите, Глигоров не отстапил од претходно договорените разговори. Преговорите започнале во 11 часот и продолжиле до доцните попладневни часови. На крајот, Аџиќ сепак се согласил да го потпише документот со кој се предвидувало повлекување на ЈНА од Македонија.
Но, според Гоцевски, генералот побарал договорот да не биде веднаш објавен во јавноста и повторно се заканил со употреба на авијацијата доколку македонската страна постапи спротивно. По неговото заминување, западни дипломати инсистирале договорот веднаш да биде објавен. Така, информацијата за повлекувањето на ЈНА од Македонија станала јавна уште пред авионот на Аџиќ да слета во Белград.
Повеќе од три децении подоцна, Гоцевски вели дека сè уште го прогонува споменот од просторијата во која тој и Глигоров биле насилно внесени.
Исто така, Гоцевски потсетува дека годинава се одбележуваат 35 години независност, 34 години од формирањето на Армијата и шест години од членството во НАТО. Според него, овие датуми се од особено значење за националната безбедност, суверенитетот и стабилноста на државата.
Тој се присетува на исклучително сложените услови во кои беше создадена Армијата, во периодот на распадот на Југославија и војните во регионот. „Одевме по работ на бездната“, вели Гоцевски, нагласувајќи дека најголем предизвик било создавањето регуларна Армија без да се предизвика воен конфликт.
Според него, клучни моменти биле донесувањето на Уставот, Законот за одбрана, мирното повлекување на ЈНА и преземањето на контролата врз целата државна територија од страна на Армијата. Уште во 1992 година, вели тој, било препознаено дека членството во НАТО треба да биде стратешка цел на државата.
По 34 години, Гоцевски ја оценува Армијата како модерна, професионална и високо ценета институција, целосно интегрирана во структурите на НАТО. Нејзината доверба кај граѓаните, според него, е изградена и преку учеството во справувањето со кризите – од Косовската и мигрантската криза, до пожари, природни непогоди и пандемијата.
Сепак, тој предупредува дека новата безбедносна реалност бара дополнителна модернизација. Македонија, според Гоцевски, треба да инвестира во противвоздушна одбрана, беспилотни системи, сајбер-безбедност, дигитални комуникации и заштита на критичната инфраструктура, како и во човечкиот потенцијал.
Тој смета дека е потребен политички и надпартиски консензус за долгорочниот развој на Армијата, стабилно финансирање и континуирана модернизација, без осцилации.
„Сега, повеќе од кога било досега, ни се потребни мудрост, национално единство и стратешко размислување“, порачува Гоцевски.
Во својата порака по повод Денот на Армијата, тој ја опишува како „перманентен столб на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет“, сигурно рамо за државата и граѓаните, како и институција со највисока доверба во општеството.
Гоцевски им го честита 34-тиот роденден на сите припадници на Армијата и повикува на продолжување на нејзиниот развој, модернизација и зајакнување.
Сепак, најголемиот апсурд во говорот на Гоцевски е што не се осврнува на моментот кога Киро Глигоров, на средбата со генералот Благоје Аџиќ, наводно бил под силни закани, додека зградата била опколена со воени специјалци. А, сепак, Глигоров на крајот излегол жив и здрав, со рацете во џеб, а Аџиќ ги прифатил барањата, по што ЈНА се повлекла од Македонија.
Изгледа дека Глигоров имал навистина „убедливи аргументи“ – толку силни што и Аџиќ на крајот немал друг избор освен да каже: „Во ред, повлекувајте ја ЈНА.“ Ама, по сето ова, останува само едно прашање: навистина ли уште има некој што верува во ваквите приказни?

