ВЕШТАЧЕЊЕТО ОТКРИВА, „ПУЛС“ БИЛ НЕЗАКОНСКИ ПРЕНАМЕНЕТ Вратите и преградите ја отежнувале евакуацијата
На судењето за кочанската трагедија продолжува изведувањето на градежното вештачење – вештаците посочија дека објектот бил наменет за лесна индустрија, а Општината имала обврска да контролира како се користи.

Со изведување на градежното вештачење и распит на вештите лица кои го изработиле, денеска во судницата во затворот „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На претходното рочиште, вештите лица посочија дека објектот бил нелегално пренаменет од индустриски објект во дискотека, спротивно на урбанистичко-планската документација. Во вештачењето е констатирано и дека во објектот биле поставени прегради од гипс-картон и врати кои претставувале пречка за безбедна евакуација.
Вештите лица Душица Трпчевска Ангелковиќ и Маријана Лазаревска во судницата ги презентираа наодите поврзани со урбанистичките и градежните аспекти на објектот.
Лазаревска започна со презентација на фотографии од изведбата на челични греди и столбови во приземјето на објектот – зграда 1, направени во 2012 година во рамки на пренамената од магацин за теписи и теписони во угостителски објект.
Одбраната реагираше поради тоа што фотографиите биле презентирани без да биде наведено каде точно се наоѓаат во доказниот материјал. Судот поради тоа го одложи рочиштето, со укажување на денешното продолжение фотографскиот материјал да биде презентиран со соодветна нумерација.
Лазаревска претходно посочи дека на објектот биле изведени надворешни скали и настрешница, како и преградни ѕидови од гипс-картон со кои бил оформен влез со двокрилна двонасочна врата. Според неа, ваквото решение било недозволено од безбедносен аспект, особено при евакуација.
Вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ, која е дел од тимот што го изработил градежното вештачење, претходно изјави дека според урбанистичко-планската документација на Град Кочани од 1998 година до денес, на локацијата каде што функционирала дискотеката „Пулс“ не била дозволена пренамена на индустриски објект во објект за угостителска дејност.
Според вештачењето, од 2012 година инвеститорот започнал дел од објектот да го користи како дискотека/кабаре, што било спротивно на ДУП-от и законската регулатива за урбанистичко планирање и градење.
Во однос на урбанистичката намена, Трпчевска Ангелковиќ посочи дека зоната Г10, каде што се наоѓа објектот, од првиот Детален урбанистички план донесен во 1998 година, па сè до последниот план од 2013 година, не претрпела промена. Зоната е наменета за лесна индустрија и мало стопанство.
На прашањето дали Општината можела да реагира откако во објектот започнала да функционира дискотека, вештакот одговори дека Законот за градење го регулира и начинот на употреба на објектите.
Таа објасни дека „Пулс“ бил објект од втора категорија, односно објект од локално значење, за кој одобренијата ги издава Општината. Оттука, според неа, Општината била надлежна да контролира дали објектот се користи согласно одобрението за градење и употреба.
Со изведувањето на градежното вештачење, кое го изработил тим од Градежниот факултет при УКИМ, се очекува да заврши доказната постапка предложена од Обвинителството.
СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЛС“ ПРОДОЛЖУВА На ред градежното вештачење за објектот

