Во неделата (11.05) во македонската престолнина се одржа третата по ред средба „Беломорски видувања“, во организација на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Настанот, кој има за цел да ги обедини Македонците од Егејот, но и пошироко, собра околу 700 учесници исполнети со емоции, прегратки и заеднички спомени. Собирот помина во убава атмосфера и се одвиваше под мотото на мир, љубов кон татковината и почит кон заедничкото минато.

Меѓу присутните беа поглаварот на Македонската православна црква – ОА, г.г. Стефан, претседателот на МАНУ проф. Живко Попов, министрите Гордана Димитриеска-Кочоска и Игор Филков, заменик-министерот Ѓоко Велковски, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, претставникот на Македонската обединета дијаспора, Гордан Јорданов, како и лидерот на Единствена Македонија Јанко Бачев.

Во својот поздравен говор, координаторот на здруженијата, Сотир Лукровски, ја истакна важноста на ваквите собири за зачувување на идентитетот и културното наследство на Македонците од Егејот. Тој нагласи дека, и покрај административните пречки и забрани, тие нема да престанат да се враќаат на своите родни огништа, бидејќи нивната цел е родољубие, а не конфликт.
„Ние сме родољуби и не претставуваме опасност за никого,“ истакна Лукровски, добивајќи силен аплауз од присутните.

Културно-уметничкиот дел од програмата го збогатија естрадните уметници Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, „Оркестар Бравос“ и ансамблот „Јонче Христовски“, кои со своите настапи внесоа дополнителни емоции меѓу присутните.

Настанот беше организиран на високо ниво од челниците на здруженијата од Егејскиот дел на Македонија, Сотир Лукровски и Евгенија Николовска, со што уште еднаш се потврди значењето на „Беломорските видувања“ како симбол на заедништвото и континуитетот на македонската културна меморија.

