МИЦКОСКИ НАЈАВИ ГОЛЕМА ГРАДЕЖНА ОФАНЗИВА Шест автопати ќе се градат, еве што следува
Од Блаце–Скопје до Кичево–Охрид и Коридорот 8 – Владата најавува засилена динамика на изградбата, а премиерот вели дека над 1.200 локации низ Македонија веќе се градат.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во градежните активности од првата фаза на изградбата на фекалната канализација во Идризово, Општина Гази Баба, оценувајќи дека ваквите проекти се важни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и решавање на децениски инфраструктурни проблеми.
Мицкоски истакна дека Владата го определила проектот за канализација во Идризово како еден од приоритетите, при што се заблагодари на локалната самоуправа, советниците, администрацијата, пратениците од Гази Баба, ресорниот министер и останатите членови на Владата.
Според премиерот, моментално на повеќе од 1.200 локации низ државата се одвиваат градежни активности. Тој оцени дека тоа претставува значаен индикатор за зголемена економска активност, бидејќи се ангажира домашната градежна оператива, но и се создава можност да се решаваат проблеми кои со години биле запоставени.
„Не можеме сè наеднаш да решиме со два повика, нешто што со децении не се правело. Сепак, со ваквите проекти голем дел од приоритетите на граѓаните ќе бидат решени и тие ќе можат да имаат поквалитетен живот“, рече Мицкоски.
Тој најави дека во периодот што следи се очекува дополнително засилување на градежната активност, особено преку изградбата на патната инфраструктура.
Мицкоски посочи дека во текот на овој месец официјално треба да започне изградбата на делницата Блаце–Скопје, додека во септември се очекува старт на делницата Букојчани–Кичево. Воедно, најави засилена динамика на изградбата на автопатот Кичево–Охрид.
„Очекувам делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена отприлика во втората половина на октомври, а целокупната делница да биде завршена во првиот квартал од следната 2027 година“, изјави премиерот.
Покрај овие проекти, продолжуваат активностите и на трите делници од Коридорот 8 и Коридорот 10д – Прилеп–Битола, Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани. Тоа, како што истакна Мицкоски, значи дека во периодот што следи ќе се градат околу шест автопатски делници.
Дополнителна градежна активност се очекува и во железничката инфраструктура. Премиерот ја посочи секцијата 2 од железничкиот Коридор 8, како и секцијата 3, за која очекува наскоро да биде објавен јавен повик.
Во однос на Коридорот 10, Мицкоски најави дека по завршувањето на физибилити студијата, доколку сите процедури се одвиваат според планот, почетокот на реализацијата се очекува на почетокот на следната година.
„Градежништвото претставува еден од двигателите и носителите на економската активност во Македонија“, нагласи Мицкоски.
Тој додава дека Владата ќе продолжи да работи на проекти кои, според него, треба да донесат подобри услови за живот и поголема економска активност.
Премиерот порача дека Владата не може веднаш да ги реши сите проблеми што се таложеле со децении, но дека ќе се обиде да го реализира сето она што е во нејзина можност.

