СЛУЧАЈОТ ГРУБИ ЈА ТРЕСЕ ДУИ Го викаа шеф, брат, кинг а сега сите молчат
Обвинението против Груби отвори нова внатрепартиска битка, а неговите поддржувачи прашуваат каде се оние што до вчера беа најблиску до него.

Новото обвинение против Артан Груби за наводните злоупотреби во Државната лотарија не носи политички притисок само врз поранешниот вицепремиер, туку сè поочигледно отвора и нов фронт внатре во ДУИ.
Додека актуелното партиско раководство внимателно ги одмерува пораките, од кругот на поддржувачи на Груби сè погласно се слушаат критики дека тој е оставен сам да се соочи со обвиненијата.
Високиот партиски активист Артин Спахију јавно порача дека Груби во оваа битка останал „без гласот и активноста на нашата организација“. Притоа, тој директно го прозва актуелното раководство на ДУИ, кое го нарече „политбиро“.
Спахију потсети дека дел од луѓето кои денес се на високи позиции во партијата својата политичка кариера ја граделе со поддршката на Груби по конгресот во декември 2019 година и по подоцнежните внатрепартиски избори.
Особено остро звучеше неговата забелешка за односот на партиските функционери кон Груби, кој, според него, драматично се променил.
„Некој го викаше шеф, некој брат, некој кинг, а повеќето беа залепени за него како полжави на дрво“, напиша Спахију, додавајќи дека денес јасно се гледа „кој е кој“.
Во сличен тон се огласи и сопственикот на порталот „Тетова сот“, Рами Мислими. Тој јавно праша зошто најголемиот дел од високите функционери на ДУИ досега не изразиле лична поддршка за Груби.
Мислими ја отвори и дилемата за солидарноста со човекот со кого, како што наведува, со години ја делеле власта, одлучувањето и политичката одговорност. Според него, поддршката не значи мешање во работата на правосудството, туку барем човечки и морален став кон некогашен соработник.
Ваквите реакции покажуваат дека случајот со Груби постепено прераснува во поширок политички проблем за ДУИ. Обвинението веќе не е само правен товар за поранешниот функционер, туку станува и повод за преиспитување на односите и лојалноста внатре во партијата.
Од ДУИ досега пристигнуваа различни пораки. Партијата во прв момент избегнуваше директно да го спомене Груби, а потоа излезе со став дека против него нема докази.
Али Ахмети, пак, испрати нешто поинаква порака. Тој рече дека му кажал на Груби оти, доколку ја злоупотребил неговата доверба, треба да одговара. Но веднаш потоа нагласи дека „првото нешто“ што треба да се направи е Груби да биде ослободен од куќен притвор.
Така, ДУИ се најде во незгодна политичка позиција. Целосната одбрана на Груби може да значи преземање на дел од политичкиот товар од случајот, додека дистанцирањето од него отвора друго непријатно прашање – зошто човекот кој со години беше меѓу најблиските соработници на Ахмети денес останува без отворена поддршка од дел од довчерашните сопартијци.
Против поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на Државната лотарија Прпарим Бајрами и уште шест лица е поднесено обвинение. Судењето е закажано за 24 август, додека Груби и понатаму се наоѓа во куќен притвор.

