ОХРИД ЈА ЗАПАЛИ СТРУГА Вардар падна во трилер-финале, трофејот повторно оди кај „гладијаторите“
Во меч за паметење, Охрид славеше со 31-30 и стана само шестиот тим во историјата кој успеал да ја одбрани титулата на Струшкиот турнир.

Синоќа на култното отворено игралиште покрај Струшкото Езеро заврши 54. издание на традиционалниот меѓународен ракометен турнир. Во спектакуларно финале под отворено небо, ГРК Охрид го совлада македонскиот шампион Вардар со 31-30 и по вторпат во низа го освои престижниот трофеј.
Финалето понуди одличен ракомет, пресврти и неизвесност до последните секунди. Вардар подобро го започна натпреварот и со расположениот Абдалах Мохаб поведе со 4-2. Охриѓани, сепак, брзо одговорија. По двете исклучувања кај „црвено-црните“ и со неколку одлични интервенции на Дино Славиќ, Охрид го презеде ритамот. Доминик Мате беше расположен во нападот, па „гладијаторите“ на пауза заминаа со 15-13.
Вардар не се предаде и во вториот дел повторно направи пресврт. Со погодоците на искусниот Гоце Георгиевски, скопскиот тим поведе со 20-19, по што охриѓани побараа тајм-аут.
Реакцијата беше експресна. Охрид повторно ја презеде контролата, а Славиќ со важна одбрана и контранападите на Ивановски и Савревски му донесоа предност од 25-22. Во финишот Вардар успеа да се врати во игра и да намали на само еден гол, но Охрид остана смирен во клучните моменти и стигна до конечна победа од 31-30.
Најефикасен кај победниците беше Филип Талески со девет гола, додека Абдалах Мохаб постигна осум за Вардар.
Со триумфот, Охрид влезе во историјата како само шестиот тим кој успеал да ја одбрани титулата на Струшкиот турнир.
Охриѓани доминираа и во изборот на индивидуалните награди. Мартин Ивановски беше прогласен за МВП на турнирот, а неговиот соиграч Дино Славиќ го доби признанието за најдобар голман. Наградата за најдобар стрелец, пак, му припадна на Јукиќ од Струга, кој турнирот го заврши со 22 постигнати гола.

