ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, сабота, 15 август 2026 година.

Политички преглед на денот, сабота 15 август 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче од јахтата на Заев од Егејот дава инструкции за ширење паника, СДС од политичка немоќ креира хаос и шири дезинформации
СДС и раководството нема што да им понудат на граѓаните. Во отсуство на идеи, програма и стратегија за државата единствено што знае СДС е да креира хаос, да шират лажни вести и дезинформации.Венко Филипче додека се луксузира на јахтата на Заев на Егејот со украдените пари на народот дава инструкции до партиските послушници на СДС да креираат паника на социјалните мрежи за водата во Скопје.
Додека Венко Филипче и Зоран Заев се на одмор на Егејот, решиле да водат политика преку ширење дезинформации и создавање страв кај граѓаните.Ширењето дезинформации за водата во Скопје е крајно неодговорно.
СДС и Филипче да не си играат ниту со довербата на јавноста, ниту со чувството на сигурност на граѓаните, а најмалку со прашања поврзани со нивното здравје. Надлежните институции веднаш реагираа и ги демантираа тврдењата со официјални податоци. Министерството за внатрешни работи презеде активности за утврдување на потеклото на информацијата и одговорноста за ширењето паника.
Филипче и СДС треба да разберат дека политичката борба има граници. Филипче и СДС можат да продолжат со својот политички циркус, граѓаните одамна не им веруваат. Додека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на економијата, инвестициите, платите, инфраструктурата и подобар животен стандард, СДС повторно се враќа на старото познато сценарио на лаги, дезинформации и создавање хаос.
Доста е од неодговорност од СДС и Филипче. Доста е од ширење паника. Граѓаните заслужуваат факти, а не политички циркус на СДС и Филипче. Време е Филипче и СДС да понудат нешто повеќе од лаги и страв, доколку некој умее во СДС време е да понудат визија, решенија и одговорност.
СДСМ: Мицкоски и Клековски од екскурзија ја пуштија водата во Гостивар
Во Гостивар вчера видовме слика што ќе остане запаметена. Политичари и функционери држат здравица. Пијат вода пред камери. Велат „на здравје“ и дека е „многу вкусна“. А цел месец граѓаните пиеја вода загадена со фекалии.
Над 5.000 заболени. Повеќе од 2.000 хоспитализирани. Болницата нефункционална. Пациенти префрлани во Тетово.
Во државата има епидемија на жолтица, епидемија на западнонилска треска – 24 хоспитализирани, двајца починати. И каде беа премиерот Мицкоски и министерот за здравство Клековски? На екскурзија. Кога речиси 5.000 луѓе се отруени.
Кога цел град пет недели нема чиста вода на оваа жештина. Кога болницата е отруена, а пациентите пратени во друг град. Претседател на Влада и министер за здравство беа на одмор.
Каде го има ова?
Наместо нив, испратија полицаец. Стојанче Ангелов да наздравува и да објаснува колку е „вкусна“ водата. Прво, градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, пиеше вода имитирајќи американски градоначалници. Сега, бидејќи никој од вистински одговорните не е тука, повторно испраќаат полицаец да ја „тестира“ водата така што ја пие пред камери.
Нема официјално објавен документ со кој се потврдува дека водата е чиста и здрава за пиење. Прво најавуваа дека резултатите ќе бидат готови дури на 20 август. Сега, под притисок на јавноста, наеднаш велат дека водата е чиста – шест дена порано.
Како до вчера 20 август, а денес нагло сè е во ред? Оваа ситуација бара одговорност, а не циркуз. Во прашање се здравјето и животите на граѓаните на Македонија. Бараме итно Обвинителството да постапи по кривичните пријави.
Бараме по итна постапка обвинителот Савевски, доколку се вратил од екскурзијата, да покрене постапка и утврди кој и врз основа на кои анализи денеска потпишал дека водата е безбедна. Граѓаните не бараат здравица. Граѓаните бараат одговорност!
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Бучковски да каже и што скри покрај „спасувањето“ на Македонија, Единствена Македонија отвори прашања за тајните средби и Карпалак
Јавноста вчера слушна некакво мрморење од Владо Бучковски на трибината организирана од ДУИ по повод 25 години од Рамковниот договор. Бучковски зборуваше за улогата на меѓународната заедница и СДСМ, претставувајќи го влегувањето во широка влада во 2001 година како чин со кој, наводно, била „спасена“ Македонија.
Единствена Македонија го повикува Бучковски да го каже и вториот дел од приказната – делот во кој, како тогашен министер за одбрана и висок функционер на СДСМ, беше директен учесник во политичките сценарија и предавства во воената 2001.
Бучковски треба да одговори како министер за одбрана воспоставил директна комуникација со Штабот на Ахмети, во време кога на теренот се водеа вооружени борби и кога македонски бранители гинеа во заседи.
Треба да одговори и зошто, откако преку МВР, согласно правилата за соработка меѓу безбедносните служби, до надлежниот Сектор за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана биле доставени информации за понатамошно постапување, не презел соодветни мерки. Особено ако се има предвид дека, според овие наводи, информации поврзани со случувањата кај Карпалак биле достапни околу 40 дена пред трагедијата.
Бучковски треба да објасни и што се случувало во еден град во западниот дел на Македонија во периодот кога на теренот се водела војна. Според информациите со кои располага Единствена Македонија, во стан во сопственост на КРЦ – Контраразузнавачкиот центар на Министерството за одбрана, со кое тогаш раководел Бучковски на неколку наврати се одржувале тајни средби на одбрани оперативни тимови на СДСМ и ОНА а на теренот се води војна.
Затоа, покрај тезата за опасноста од поделба на земјата во 2001 година, за која денес зборува Бучковски, постои и прашањето за политичките сценарија.
Единствена Македонија смета дека македонската јавност заслужува да го слушне и тој дел од приказната. Наместо денес да се претставуваат како спасители на државата, тогашните носители на највисоките политички и безбедносни функции треба да одговорат за своите постапки и одлуки во 2001 година.
Според ставот на Единствена Македонија, ОНА не претставуваше сила со која македонската држава не можеше да се справи, но политичките сценарија и предавства во тоа време не дозволија кризата да биде решена на начин што ќе го зачува достоинството и интересите на Македонија.
Наместо еднострана интерпретација на 2001 година, Бучковски треба да ја каже целата вистина – и за она што го нарекува „спасување“ на Македонија, но и за сопствената улога во процесите поради кои, според Единствена Македонија, државата излезе од војната посрамотена и понижена.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

