ЈАНЕВСКА УДРИ ПО БАДЕНТЕРОТ, ДУИ ЖЕСТОКО Ѝ ВРАТИ Ова е директен напад

Министерката вели дека Бадентерот се злоупотребува за политички блокади, ДУИ бара јавно извинување и повлекување на изјавата.

ЈАНЕВСКА УДРИ ПО БАДЕНТЕРОТ, ДУИ ЖЕСТОКО Ѝ ВРАТИ Ова е директен напад
Фото: Принтскрин

Министерката за образование и наука Весна Јаневска и Демократската унија за интеграција (ДУИ) влегоа во остар политички судир околу примената на Бадентеровото мнозинство при донесувањето на трите закони од областа на високото образование.

Јаневска смета дека Бадентеровиот принцип не треба да се користи како политичка алатка за блокирање на закони кои, според неа, не се однесуваат на прашања поврзани со заштита на јазичните и други права на помалите заедници. Трите закони за високо образование, за научноистражувачка дејност и за квалитет во високото образование и науката веќе се во собраниска процедура, но нивното носење е блокирано од албанскиот опозициски блок, кој инсистира на примена на Бадентеровиот принцип.

Според Јаневска, законите биле подготвувани транспарентно и со учество на академската заедница, а нивната цел е подобрување на организацијата и квалитетот на високото образование, поголема практична работа и создавање кадар со знаења и вештини потребни на пазарот на трудот.

„Не е во ред Бадентерот да се користи како алатка за постигнување политички решенија, и тоа баш преку образование“, порача министерката.

Таа додава дека нејзиниот став е дека правата на помалите заедници треба да бидат заштитени, но оти овие закони не задираат во такви прашања.

Јаневска најави дека со задоволство ќе учествува и на нова собраниска јавна расправа, со надеж дека ќе се најде решение за законите што побрзо да бидат донесени. Таа предупреди дека секое одложување значи изгубено време за младите, особено во услови кога земјата се соочува со недостиг на кадар во одредени професии и висока невработеност во други.

Во меѓувреме, министерката информираше дека годинава на универзитетите се намалени околу 2.000 места за упис, особено во области како бизнис-администрација, јавна администрација, економија и право, каде што има поголем број невработени. За техничките науки, информатиката, машинството и градежништвото квотите се речиси непроменети, бидејќи, според неа, вработливоста во овие области достигнува и до 98-99 проценти.

Од ДУИ остро реагираа на ставовите на Јаневска, оценувајќи ги како директен напад врз еден од клучните механизми на уставниот поредок произлезен од Охридскиот рамковен договор.

Од партијата велат дека Бадентеровото мнозинство не е механизам што Владата може селективно да го применува или избегнува, туку уставно утврдена гаранција за заштита на правата на заедниците. Особено остро реагираат на квалификацијата на Албанците како „помала заедница“, нагласувајќи дека Албанците се „државотворен народ и суштински дел од уставниот поредок“.

ДУИ оценува дека барањето за селективна примена на Бадентер значи негово обесмислување и бара од Јаневска јавно да се извини и да ја повлече изјавата.

Од партијата истовремено порачаа дека законите од областа на образованието мора да бидат донесени согласно Уставот и со потребното Бадентерово мнозинство, додека Јаневска инсистира дека политичките прашања не треба да го блокираат донесувањето на законите кои, според неа, се од суштинско значење за иднината на високото образование.

CATEGORIES
Share This