СЕ ВРАЌАЛЕ ОД МЕЃУГОРЈЕ, НО НЕ СТИГНАА ДОМА 12 лица загинаа во страшна автобуска несреќа
Полскиот автобус со 57 патници и двајца возачи излетал од автопатот во Унгарија, а полицијата го привела возачот по сомнеж дека можеби заспал зад воланот.

Најмалку 12 лица загинаа, а десетина се повредени во тешка автобуска несреќа што се случила во текот на ноќта во Унгарија. Станува збор за полски државјани кои, според првичните информации, се враќале од аџилак во Меѓугорје, Босна и Херцеговина.
Полското Министерство за надворешни работи потврди дека во несреќата учествувале полски туристи. Портпаролот Мацеј Вевиор изјави дека „сè укажува“ оти патниците се враќале од Меѓугорје, додека властите во полскиот град Жешов потврдија дека автобусот со аџии патувал од Босна и Херцеговина кон Подкарпачкиот регион.
Според унгарските власти, автобусот со полски регистарски таблички се движел по автопатот М3 кон Њиредхаза кога околу еден часот по полноќ излетал од коловозот, паднал во канал и се превртел во близина на Мезекерестес, во источниот дел на земјата.
Во автобусот имало 57 патници и двајца возачи. Унгарскиот премиер Петер Маѓар соопшти дека 12 лица ги загубиле животите, додека најмалку десет биле повредени. Дел од повредените се пренесени во болница.
Се истражува дали возачот заспал
Унгарската полиција соопшти дека првичните информации укажуваат оти возачот можеби заспал зад воланот. По несреќата тој бил приведен, а надлежните продолжиле со истрагата за утврдување на точните причини. Спасувачките екипи веднаш пристигнале на местото на несреќата. Поради тешко оштетениот и превртен автобус, пожарникарите морале да влегуваат низ прозорците за да стигнат до патниците.
До 3 часот наутро биле извлечени 35 лица, но неколку патници останале заробени под автобусот. За поместување на возилото, кое тежело околу 24 тони, биле ангажирани и кранови, додека пожарникарите во меѓувреме користеле витла за да го подигнат задниот дел од автобусот и да ги ослободат заробените патници.
Полска испраќа конзуларна помош
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски потврди дека во несреќата загинале полски државјани и соопшти дека конзуларните служби се во контакт со унгарските власти. Местото на несреќата е затворено за сообраќај поради полициската истрага. Сообраќајот се пренасочува во близина на Мезекерешеш, а возилата повторно се приклучуваат на автопатот кај Емод.
Истрагата треба да ги утврди сите околности под кои дошло до трагичната несреќа.
A Polish bus crashed on Hungary’s M3 highway, killing 12 people and injuring at least 10 others. The bus, carrying 57 passengers and two drivers, veered into a ditch and overturned. Police are investigating the cause of the crash, including whether the driver may have fallen… pic.twitter.com/JYokRJkO2s
— TVP World (@TVPWorld_com) August 16, 2026

