ЕУ ВОВЕДУВА ДИГИТАЛНИ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ Нови правила и за постарите возачи

Сепак, најконтроверзната измена се однесува на можноста земјите-членки да одредат пократко времетраење на важноста на возачките дозволи за лицата над 65 години.

ЕУ ВОВЕДУВА ДИГИТАЛНИ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ Нови правила и за постарите возачи

Европската Унија донесе значајни измени во правилата за издавање и важност на возачките дозволи, со што се отвора пат за нови стандарди и потенцијално построги услови за постарите возачи.

Европскиот парламент ги усвои измените на директивите за возачки дозволи, меѓу кои една од најзначајните новини е воведувањето на дигитална возачка дозвола, која ќе може да се чува на паметен телефон. Секоја земја-членка на ЕУ ќе има рок од пет и пол години да ја имплементира оваа промена, а возачите ќе имаат можност, по сопствен избор, да побараат и физичка верзија на дозволата.

Сепак, најконтроверзната измена се однесува на можноста земјите-членки да одредат пократко времетраење на важноста на возачките дозволи за лицата над 65 години. Ваквата мерка предизвика реакции од организациите за права на постарите лица, кои предупредуваат на потенцијална дискриминација.

AGE Platform Europe, чадор организација што ги застапува интересите на постарите граѓани низ ЕУ, реагираше остро, истакнувајќи дека автоматското намалување на важноста на дозволата врз основа на возраст не се заснова на научни докази. Организацијата бара индивидуална проценка на способноста за возење, без оглед на возраста, нагласувајќи дека многу постари возачи се активни, одговорни и безбедни учесници во сообраќајот.

Од друга страна, статистиките укажуваат дека постарите возачи се вклучени во значителен број сообраќајни несреќи. Во периодот јануари – јули 2024 година, лица над 65 години биле одговорни за 2.688 сообраќајки, при што се повредени 779 лица, а 24 го загубиле животот.

Секојa земја-членка на ЕУ ќе може самостојно да одлучи дали и како ќе го примени правото за скратување на важноста на возачките дозволи кај постарите возачи.

Во следните години, европските граѓани ќе бидат сведоци на постепената дигитализација на возачките документи, но и на потенцијални национални дебати за балансот меѓу безбедноста во сообраќајот и правата на постарите лица.

CATEGORIES
Share This