СВП УДРИ ПО ЉУТКОВ Каменот кон нас беше фрлен од тој што требаше да нè брани
Струшките вечери на поезијата демантираат дека предложиле сопствено укинување и откриваат што навистина било разговарано зад затворени врати – претседателката Сиљановска-Давкова предлогот го нарече „шокантен“.

НУМ „Струшки вечери на поезијата“ остро ги демантира изјавите на поранешниот министер за култура и актуелен национален координатор за култура Зоран Љутков дека предлогот за укинување на институцијата дошол од нејзиното раководство. Од установата велат дека никогаш, ниту официјално ниту неформално, не било предложено СВП да се укине или да се припои кон друга институција.
Од СВП посочуваат дека единствениот разговор на оваа тема се водел пред околу една година во поширок круг на луѓе на терасата од хотелот „Дрим“ во Струга. Но, како што велат, тогаш било предложено токму спротивното и зајакнување на институцијата преку припојување на вработените и одделенијата од Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ кон СВП.
Според нивното објаснување, идејата била Струшките вечери на поезијата да станат рамковна институција со поголеми просторни и кадровски капацитети, при што би ѝ била вратена и зградата на Центарот за култура, која во минатото била изградена за потребите на СВП и функционирала како „Дом на поезијата“.
Во истиот разговор, додаваат од СВП, било предложено да се обезбедат и други објекти за потребите на институцијата, како и да се создаде „Куќа на поезијата“ – мултифункционален простор во кој би биле сместени Музејот на Струшките вечери на поезијата, Меѓународната поетска библиотека и Архивот на поезијата.
„Како од вакви предлози и идеи испаднало дека сме предложиле укинување на институцијата?“, прашуваат од СВП, посочувајќи дека постојат повеќе сведоци кои можат да ја потврдат нивната верзија на настаните.
Од установата велат дека до средбата со актуелниот министер за култура Седат Сулејмани, одржана на 10 август, никој во СВП не бил информиран дека Министерството за култура поднело информација до Владата со предлог институцијата да се укине како самостојна национална установа и да продолжи да функционира како сектор во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Токму затоа, од СВП прашуваат како можело ваков предлог да биде доставен без нивно знаење, согласност или официјално мислење. Тие посочуваат и дека Управниот одбор, како орган на управување на институцијата, требало да биде консултиран за вакво суштинско прашање.
Иако предлогот на поранешниот министер Љутков, според информациите од СВП, не поминал на владината комисија за култура, директорот Никола Кукунеш оценува дека самиот факт што бил поднесен претставува сериозен удар врз институцијата.
Случајот доби и политичка тежина откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како покровителка на СВП, застана во одбрана на фестивалот. При посетата на институцијата во Струга таа го оцени предлогот како „шокантен“ и „некултурен однос“ кон установа која повеќе од шест децении претставува еден од најпрепознатливите македонски културни брендови во светот.
Сиљановска-Давкова порача дека СВП не може да се третира како обично административно прашање и да се сведе од самостојна национална установа на одделение во друга институција. Таа нагласи дека Струшките вечери на поезијата се дел од културната меморија на државата, го промовираат македонскиот идентитет и имаат меѓународно значење, вклучително и преку долгогодишната соработка со УНЕСКО.
Од СВП, пак, велат дека нивната реакција е јасен показател за нивниот став и дека се благодарни за поддршката од претседателката и за одлуката предлогот да не биде прифатен.
„Каменот кон нашата институција беше фрлен од тој што требаше да ја брани“, порачуваат од НУМ „Струшки вечери на поезијата“, отворајќи го прашањето кој и зошто предложил институција со 65-годишна традиција да го изгуби статусот на самостојна национална установа.

