„БИЛЈАНА“ ВО НОВО РУВО Националниот џез оркестар го воодушеви Охрид со „Македонски сновиденија“
Македонскиот фолклор и современиот џез се споија на сцената „Долни Сарај“, со специјален настап на светскиот трубач Питер Сомуа од Гана.

На сцената „Долни Сарај“ се одржа впечатлив концерт на Националниот џез оркестар во рамките на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, исполнет со раскошен звук, силна енергија и препознатлив македонски музички сензибилитет.
Под диригентската палка на Владимир Николов, оркестарот ја претстави програмата „Македонски сновиденија“, во која традиционалниот македонски фолклор се спои со современиот џез. Публиката имаше можност да слушне нови аранжмани на познати македонски народни песни, но и авторски композиции инспирирани од богатото фолклорно наследство.
Специјален гостин на концертот беше познатиот трубач од Гана, Питер Сомуа, кој со својот настап дополнително ја збогати музичката вечер.
Особено внимание привлече новата џез-обработка на „Билјана платно белеше“, реализирана по иницијатива на А1 Македонија, генерален спонзор на „Охридско лето“. Аранжманот го потпишува пијанистот Гордан Спасовски, кој на познатата народна песна ѝ даде современ музички израз, без да се изгуби нејзината автентична препознатливост.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, посочи дека воведувањето на програмата „OH JAZZ“ е чекор кон збогатување на фестивалската понуда и отворање простор за нови музички жанрови и публика.
„Сакавме да внесеме дополнителна динамика во програмата и да отвориме простор за современи музички изрази и нова публика, без притоа да го нарушиме основниот концепт и идентитет на „Охридско лето“. Новитет годинава е блокот од четири џез-вечери, на кои настапуваат и светски музичари. Големиот интерес на публиката, за дел од концертите и барањето карта повеќе, ни покажуваат дека „Охридско лето“ има простор да се развива, без да го изгуби својот препознатлив уметнички израз“, истакна Цуцковски.
Според директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, присуството на џезот дополнително ја збогатува програмата и уметничкиот профил на фестивалот.
„Охридско лето“ не е само најголемиот фестивал во Македонија, туку има поинакво реноме и во регионот. Затоа е важно џезот да биде присутен на овој фестивал. Со поголемата застапеност на џез-музиката само се зголемува шаренилото на различни жанрови во музиката“, рече Стевковски.
Џез-програмата на фестивалот започна ден претходно со премиерата на „Orthodoxia Kai Thanatos“ на Крсте Роџевски во црквата „Света Софија“. Македонскиот пејач, гитарист и композитор, кој повеќе од две децении е дел од њујоршката авангардна „даунтаун“ сцена, пред охридската публика го претстави своето најново дело, инспирирано од византиското пеење и надградено со експериментални и фри-џез елементи.
Роџевски настапи заедно со Христијан Моневски и Дамјан Палоски на вокален исон, како и Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски на контрабас – инструментален исон.
Во рамките на новата програма „Џез вечери“ настапија и „Дине Донеф трио“ со проектот „Storytales“, инспириран од македонското народно поетско наследство. Фестивалската програма ги опфати и настапите на Нубаја Гарсија, Питер Сомуа и бендот Kiioto.
Со воведувањето на четирите џез-вечери, „Охридско лето“ отвори ново музичко поглавје, создавајќи простор за современи музички изрази, меѓународни соработки и нова фестивалска публика, додека истовремено го задржува својот препознатлив уметнички идентитет.

