ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ДОАЃААТ ВО СКОПЈЕ Мицкоски вели ЕУ останува цел, но нè третираат различно
Дипломатската офанзива доаѓа во критичен момент за земјата, која со години го чека почетокот на суштинските преговори за членство во ЕУ.

Во обид да ја забрзаат европската интеграција на Северна Македонија, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, в четврток ќе допатува во Скопје, во рамки на балканска турнеја која ќе трае до 16 мај. Посетата, оценета како силен сигнал за приоритетите на Европската Унија, ќе вклучува средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски.
Во текот на месецов, во земјата се очекува да пристигне и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Дипломатската офанзива доаѓа во критичен момент за земјата, која со години го чека почетокот на суштинските преговори за членство во ЕУ. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, неодамна изјави дека Северна Македонија е „тажна приказна“ во процесот на проширување и изрази надеж дека до крајот на нејзиниот мандат Црна Гора и Албанија ќе станат членки на ЕУ.
Полскиот амбасадор во Скопје, Мариуш Бримора, чија земја моментално претседава со ЕУ, ја оцени посетата на Кошта како доказ за подготвеноста на Унијата за проширување. Тој нагласи дека „вратите се отворени“ и дека постои поволен моментум кој Владата мора да го искористи, потенцирајќи ја потребата од политичка волја и уставни измени.
Премиерот Мицкоски, во пресрет на посетите, изјави дека ЕУ останува стратешка цел на државата, но посочи дека земјата се соочува со предизвици што не се базираат на објективни критериуми.
„Мораме да бидеме два-три пати подобри од другите за да бидеме слушнати“, порача тој, додавајќи дека Владата ќе продолжи да се бори за враќање на позициите што, како што рече, биле изгубени во минатото.
Во меѓувреме, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на средба во Брисел со европратеникот Томас Вајц, нагласи дека уставните измени остануваат клучен, но тежок чекор во процесот. Од македонска страна повторно беше побарано вметнувањето на Бугарите во Уставот да се третира како единствено билатерално прашање.
Претседателката Сиљановска-Давкова, по средбата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, изјави дека Македонија останува посветена на патот кон ЕУ, но дека моменталната состојба е неодржлива. Таа ја повика Унијата да ја зачува сопствениот кредибилитет во процесот на проширување.
„Има нешта за кои може да се преговара, но има и нешта каде што емоциите се посилни од рационалноста“, изјави претседателката, алудирајќи на чувствителните прашања во процесот.
Во следните месеци, се очекуваат и дополнителни посети на високи европски претставници, меѓу кои и премиерот на Полска, Доналд Туск. Според најавите од Брисел, Унијата ќе продолжи со интензивна дипломатска активност со цел деблокада на пристапниот процес.


