НЕМА ВЕЌЕ МАТУРА ВО ШКОЛСКИ КЛУПИ Еве каде ќе се полага за да нема препишување
Во салите ќе се внимава на растојание од метар и половина меѓу матурантите, а строго ќе биде забранета употребата на мобилни телефони.

Дел од државната матура оваа година ќе се одвива во просториите на универзитетите во Штип, Битола и Скопје. Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, која нагласи дека просторот е веќе распределен и подготвен за матурантите.
Јаневска објасни дека во Штип, сите средни училишта кои побарале поголем и посоодветен простор за полагање, ќе ги користат амфитеатрите на Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Кампус 4 е определен како регионален центар, а дел од училиштата ќе бидат сместени и во Кампус 2. Благодарна сум на ректорот и деканите за нивната поддршка“, изјави министерката.
Во салите ќе се внимава на растојание од метар и половина меѓу матурантите, а строго ќе биде забранета употребата на мобилни телефони.
„Тестаторите ќе бидат задолжени да се осигураат дека сите телефони се оставени на соодветно место во просторијата каде се полага“, појасни Јаневска.
Министерката упати и апел до учениците, родителите и наставниците да се воздржат од какви било обиди за препишување.
„Образованието кај нас е соочено со квалитативни проблеми. Мора да го подобриме системот и да ги мотивираме младите да работат на себе. Иднината на Македонија е во нивните раце“, додаде таа.
Во врска со дигитализацијата на високото образование, Јаневска рече дека Универзитетот „Гоце Делчев“ веќе целосно го има имплементирано системот со електронски индекси.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, постапката е во тек и некои факултети веќе работат со дигитална документација.


