И АНДОРА И ГИБРАЛТАР СЕ ПРЕД НАС Македонскиот фудбал доживеа нов европски дебакл
Додека македонските клубови ги пакуваат куферите, европските квалификации продолжуваат и со екипи од земји како Андора и Гибралтар.

Европската „екскурзија“ за македонските клубови заврши синоќа, откако и последниот наш претставник, Шкендија, доживеа елиминација.
Шкендија одигра без голови против Хибернијан во реваншот од третото квалификациско коло во Конференциската лига, но поради поразот од 1:2 на првиот натпревар го заврши европскиот настап.
Претходно од европските натпреварувања беа елиминирани Вардар и Силекс. Вардар најпрво беше елиминиран од КуПС во квалификациите за Лигата на шампионите, а откако продолжи во Конференциската лига, беше елиминиран и од Рига. Силекс, пак, по поразот од Динамо Минск, експресно го заврши својот европски настап.
Со елиминацијата на Шкендија, Македонија остана без ниту еден клуб во европските купови и влезе во групата на земји кои немаат претставник во плеј-оф фазата.
Во оваа непопуларна група се и Лихтенштајн, Молдавија, Белорусија, Малта, Естонија, Луксембург, Црна Гора, Велс и Сан Марино.
Особено е интересно што во следната фаза од европските натпреварувања ќе има претставници од земји со многу помала фудбалска база, како Андора и Гибралтар. Во европските купови продолжуваат и клубови од Северна Ирска, Казахстан, Фарски Острови, Литванија и други земји.
Така, македонскиот клупски фудбал уште еднаш прерано ја заврши европската сезона, без ниту еден тим да стигне до плеј-оф фазата.

