ПО 84 ГОДИНИ ИСТОРИСКО ОТКРИТИЕ ВО АРГЕНТИНА Пронајдени 83 кутии со нацистички материјал во судски подрум

Пратката, која тогаш ги алармирала аргентинските власти, била предмет на случаен царински претрес, при што биле откриени разгледници, фотографии, пропаганден материјал на нацистичката партија, како и илјадници книги што припаѓале на нацистичкиот режим.

ПО 84 ГОДИНИ ИСТОРИСКО ОТКРИТИЕ ВО АРГЕНТИНА Пронајдени 83 кутии со нацистички материјал во судски подрум

Во подрумот на Врховниот суд на Аргентина биле откриени 83 кутии со нацистички материјали, кои датираат од Втората светска војна, соопшти судот во официјално извештај. Според соопштението, кутиите биле испратени во Аргентина од германската амбасада во Токио во јуни 1941 година, преку јапонскиот брод „Нан-а-Мару“.

Пратката, која тогаш ги алармирала аргентинските власти, била предмет на случаен царински претрес, при што биле откриени разгледници, фотографии, пропаганден материјал на нацистичката партија, како и илјадници книги што припаѓале на нацистичкиот режим. Иако германските дипломати тогаш тврделе дека се работи за лични предмети, федерален судија ја конфискувал пратката и ја предал на Врховниот суд.

Сепак, сè до неодамна, не било познато што се случило со конфискуваниот материјал. Кутиите биле повторно откриени дури 84 години подоцна, за време на подготовките за поставување музејска поставка во рамки на Врховниот суд.

„Со отворањето на една од кутиите, идентификувавме материјал којшто имал за цел ширење и зацврстување на идеологијата на Адолф Хитлер во Аргентина“, стои во судското соопштение.

Кутиите веднаш биле префрлени во просторија со засилени безбедносни мерки, а во процесот на зачувување и каталогизирање е вклучен и Музејот на холокаустот во Буенос Аирес.

Истражувачите најавија дека ќе анализираат дали материјалите содржат информации за непознати аспекти од Холокаустот, меѓу кои и потенцијални траги за меѓународни финансиски мрежи што биле користени од страна на нацистите.

Аргентина останала неутрална во најголемиот дел од Втората светска војна, сè до 1944 година, кога ги прекинала дипломатските односи со земјите од Оската и една година подоцна им објавила војна на нацистичка Германија и Јапонија.

Според податоците на Музејот на холокаустот, меѓу 1933 и 1954 година, околу 40.000 Евреи избегале во Аргентина од нацистичкиот прогон во Европа, што ја направи државата дом на најголемата еврејска заедница во Латинска Америка.

CATEGORIES
TAGS
Share This