ДЕБАКЛ ВО БЕЛГРАД Црвена ѕвезда елиминирана, Станковиќ си заминува, познат наследникот
Хапоел Бер Шева славеше со 0:2, навивачите бесни, а тренерот наводно поднел оставка – денеска се очекува конечна одлука.

Црвена ѕвезда доживеа тежок дебакл во квалификациите за Лигата на шампионите, откако на домашен терен загуби со 0:2 од Хапоел Бер Шева и со тоа остана без место во следната фаза. По поразот од 0:1 во првиот натпревар, израелскиот шампион славеше и во Белград и го елиминираше српскиот клуб пред неговата публика.
Елиминацијата предизвика големо незадоволство кај навивачите. Фудбалерите беа испратени со свирежи на полувремето, а по натпреварот дојде и до тензична ситуација со тренерот Дејан Станковиќ, кој беше исклучен во второто полувреме. Во финишот навивачите испратија јасна порака и до раководството на клубот, барајќи промени.
По натпреварот играчите отидоа пред северната трибина, но наместо вообичаен поздрав, еден од навивачите слезе на атлетската патека и им порача на фудбалерите да се свртат и да си заминат, оценувајќи дека не заслужуваат аплауз за прикажаното.
Хаосот продолжи и по последниот свиреж. Станковиќ поради црвениот картон не можеше да се појави на официјалната прес-конференција според правилата на УЕФА. Се очекуваше пред медиумите да се појави неговиот помошник Ненад Сакиќ, но по речиси еден час од клубот беше соопштено дека конференцијата нема да се одржи.
Во меѓувреме, српските медиуми објавија дека Станковиќ поднел оставка и се збогувал со играчите во соблекувалната. Црвена ѕвезда непосредно пред полноќ соопшти дека денеска напладне ќе се одржи итен состанок на Управниот одбор, на кој се очекува официјално да биде потврдена неговата оставка.
Доколку заминувањето биде потврдено, тоа ќе значи крај на вториот мандат на Станковиќ на клупата на белградскиот клуб.
Раководството на Црвена ѕвезда веќе започнало да ги разгледува можните наследници. Како прв фаворит се издвојува шпанскиот тренер Алберт Риера, кој остави одличен впечаток за време на престојот во Цеље и веќе претходно беше поврзуван со преземање на белградскиот тим.
Како можна алтернатива се споменува Радомир Коковиќ, актуелниот тренер на Железничар Панчево. Конечната одлука за новиот тренер ќе зависи од исходот на разговорите и од одлуките на клупското раководство.

