И СТИГНА „КАЗНА“ НА СМС Застанете пред да кликнете, МВР открива нова измама
Лажните пораки се испраќаат во име на „Безбеден град“, а преку линк измамниците се обидуваат да дојдат до личните и банкарските податоци на граѓаните.

Министерството за внатрешни работи предупредува на зголемен број фишинг измами во кои сторителите се претставуваат како системот „Безбеден град“ и преку лажни пораки се обидуваат да дојдат до личните и банкарските податоци на граѓаните.
Според МВР, измамите се шират преку СМС-пораки, електронска пошта, лажни интернет-страници, мобилни апликации и социјалните мрежи. Во пораките, кои наводно пристигнуваат од Одделот за моторни возила, граѓаните се известуваат дека имаат регистриран сообраќаен прекршок и се повикуваат преку линк да ја платат наводната казна.
Од МВР апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не внесуваат лични податоци, броеви на банкарски картички, лозинки или други чувствителни информации на непроверени веб-страници. Се препорачува и внимателно проверување на адресата на испраќачот, како и користење двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на корисничките сметки.
МВР појаснува дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци пристигнуваат исклучиво од испраќачот „MVR-SC“, содржат регистарска ознака на возилото и имаат официјален линк од форматот https://safecountry.mvr.gov.mk….
Секоја сомнителна порака граѓаните треба веднаш да ја пријават во својата банка или во МВР.
Од Секторот за компјутерски криминал велат дека преземаат активности за откривање на сторителите и нивно санкционирање.

