ОД ГРАДСКИ ПАРКИНГ ДО АТИНА Вака се стигнува до амбасадорска фотелја според Сиљановска

Поранешен директор на „Градски паркинг“, поранешна новинарка и адвокат меѓу петтемина кандидати кои добија зелено светло.

ОД ГРАДСКИ ПАРКИНГ ДО АТИНА Вака се стигнува до амбасадорска фотелја според Сиљановска
Фото: Принтскрин

Според извори на „Национал“, поранешен директор на ЈП „Градски паркинг“, поранешна новинарка која денес е сопственичка на ПР-агенција и адвокат се меѓу петтемина кандидати за амбасадори кои добија зелено светло од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

За амбасадор во Атина е предложен Филип Пасху. Тој на 31 декември 2021 година беше назначен за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“, откако претходно во претпријатието ја извршувал функцијата заменик-директор и бил претседател на Управниот одбор.

Во времето на неговото назначување, од Град Скопје беше соопштено дека Пасху е магистер по економија и има долгогодишно искуство во управување со проекти поврзани со УСАИД, ДФИД и ИПА-фондовите на Европската Унија. Во неговата професионална биографија се наведува и позицијата неизвршен директор на АД „Енергетика“ Скопје.

За амбасадорка во Будимпешта е предложена Татјана Лопарски, поранешна новинарка, а денес сопственичка и извршна директорка на ПР-агенцијата „Елемент ПР“.

Во Сараево, пак, како владин избор е предложен адвокатот Јасмин Калач. Тој е адвокат во предметот „Пулс“, каде што го брани поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами, во случајот поврзан со трагедијата во Кочани.

На истата владина седница зелено светло добиле и Дритон Куќи, предложен за амбасадор во Осло, Норвешка, и Елма Алторок, која е предложена за амбасадорка во Каиро, Египет.

Куќи веќе ја извршува функцијата амбасадор во Осло, па доколку биде потврден, ќе добие втор мандат. Алторок, пак, во моментов е вршителка на работите во македонската амбасада во Каиро, по што ќе треба да се врати во Скопје и да ги брани своите амбасадорски тези пред Собранието.

Претходно Владата избра уште четворица кандидати за амбасадори, кои исто така ја очекуваат постапката за одбрана на тезите во Собранието.

Во Софија е предложен Крум Ефремов, дипломат од кариера и поранешен амбасадор во Украина. За амбасадор во Букурешт е предложен Габриел Атанасов, професионалец од Министерството за надворешни работи, кој веќе ја извршувал оваа функција во Романија.

Од редовите на МНР доаѓа и Мухарем Јусуфи, предложен за амбасадор во Стокхолм, додека за македонска амбасадорка во Приштина е предложена Катерина Тодороска.

Од Министерството за надворешни работи за „Слободен печат“ потврдиле дека во моментов во странство има вкупно 24 дипломатско-конзуларни претставништва без амбасадор или генерален конзул.

CATEGORIES
TAGS
Share This