КРАЈ ЗА БРЗОТО ВОЗЕЊЕ Новата технологија може електронски да ви ја „закочи“ педалата за гас
GPS, камери и интелигентен софтвер веќе можат да го препознаат ограничувањето на брзината. Следниот чекор е автомобилот самиот да спречи забрзување над дозволеното.

Замислете автомобил кој точно знае по која улица се движите, го препознава дозволеното ограничување и едноставно не ви дозволува да забрзате над него. Ова сценарио веќе не е научна фантастика и технологијата за таканаречено гео-оградување веќе постои, а во иднина би можела значително да го промени начинот на кој возиме.
Современите автомобили веќе располагаат со речиси сите компоненти потребни за ваков систем – GPS, камери, електронска контрола на моторот и софтвер кој може да се ажурира без автомобилот да оди во сервис. Главното прашање повеќе не е дали технологијата функционира, туку дали возачите ќе прифатат нивното возило активно да го ограничува начинот на кој го користат.
Професорот Маркоте Бромелштрут од Универзитетот во Амстердам смета дека гео-оградувањето би можело во иднина да се користи за спречување на пребрзо возење, особено во градските средини. Принципот е релативно едноставен. Автомобилот преку GPS ја утврдува својата локација, ги препознава податоците за ограничувањето на брзината и со помош на електронскиот систем за управување со гасот спречува возачот да го надмине дозволениот максимум.
Кога автомобилот ќе ја напушти зоната со ограничување, системот автоматски би се приспособил на новите услови.
Технологијата веќе се користи
Гео-оградувањето не е целосно нова технологија. Одредени plug-in хибридни модели на Mercedes-Benz, BMW, Toyota и Ford веќе ја користат за автоматско префрлање во електричен режим при влез во зони со ниски емисии. Сличен пристап користеше и Volvo, кој применуваше технологија за ограничување на брзината на комерцијални возила во одредени области.
Европската Унија, пак, направи чекор кон поголема автоматизација преку интелигентната помош за брзина (ISA). Системот користи камери и GPS-податоци за да ги препознае ограничувањата и да го предупреди возачот кога вози побрзо од дозволеното.
Но, ISA засега не го спречува возачот физички да продолжи со забрзувањето. Гео-оградувањето би значело следно ниво – во однапред определени зони автомобилот би можел електронски да го ограничи забрзувањето над дозволената брзина.
Поголема безбедност или премногу контрола?
Поддржувачите на ваквата технологија сметаат дека таа би можела да придонесе за намалување на сообраќајните несреќи и да обезбеди поголема заштита за пешаците. Наместо контролата да зависи исклучиво од сообраќајни камери, радари или полициски патроли, автомобилот би го почитувал ограничувањето автоматски.
Но, токму тука се појавува и најголемата дилема.
Кој треба да има последен збор – возачот, сопственикот на автомобилот, производителот или државата?
Критичарите стравуваат дека технологијата би можела да доведе до прекумерна контрола врз возачите, особено ако ограничувањата се менуваат автоматски или ако системот погрешно го препознае дозволениот максимум.
Технологијата, очигледно, веќе е тука. Она што допрва ќе треба да се реши е дали возачите се подготвени да прифатат автомобил кој не само што ќе ги предупредува кога возат пребрзо, туку во одреден момент можеби едноставно нема да им дозволи да забрзаат повеќе.

