ХАОС ВО СТРУМИЦА Закани, навреди и тензии поради Иловица „Ќе ве исфрлевме на клоци!“

Јавната расправа за Просторниот план се претвори во жесток судир меѓу активистите и стручните лица: од институциите порачаа дека бакарот кај Иловица е факт од геолошки истражувања.

ХАОС ВО СТРУМИЦА Закани, навреди и тензии поради Иловица  „Ќе ве исфрлевме на клоци!“
Фото: Принтскрин

Јавната расправа во Струмица за Нацртот на Просторниот план на државата за Југоисточниот плански регион помина во тензична атмосфера, со навреди и закани упатени кон стручните лица од институциите.

Најгласни беа дел од присутните екоактивисти, кои се спротивставија на тоа што во Нацртот е наведено дека во Огражденското рудно поле, односно кај Иловица, постои потенцијал за бакарна руда. Тие побараа податокот да биде избришан од документот.

„Имате среќа што малку не сме груби“ и „Ќе ве исфрлевме на клоци“, беа дел од пораките упатени кон претставниците на институциите.

Претставникот на Министерството за животна средина појасни дека ознаката на картата во Просторниот план сама по себе не значи отворање рудник, туку дека документот ги утврдува стратешките насоки за развој на просторот.

На тоа од публиката следуваше вулгарна реакција, додека други присутни прашуваа за евентуална употреба на цијанид во рударството. Од институциите беше посочено дека употребата на цијанид е законски забранета во Македонија.

Активистката Марина Томова оцени дека преку документот „државата ќе се колонизира“, порачувајќи им на експертите: „ние сме сопственици на Македонија, вие сте само вработени“.

Активистот Крум Велков, пак, рече дека присутните се „емоционални“ и „нервозни“ поради, како што наведе, рокот до 29 септември кој го поставиле до Владата за одземање на концесијата за Иловица.

Претставничката на Агенцијата за просторно планирање, Душица Трпчевска-Анѓелковиќ, објасни дека податоците за минералните суровини во Нацртот не се внесени произволно, туку се резултат на повеќедецениски геолошки истражувања.

„Ова не е политичка дебата, ова е стручна дебата“, порача таа, додавајќи дека Просторниот план има законски утврдена содржина и дека податоците за наоѓалиштата се темелат на факти.

Од Министерството за животна средина беше нагласено дека стручните лица не носат политички одлуки и дека нивната задача е да ја презентираат стручната страна на документот.

Во Нацртот на Просторниот план се наведува дека „Огражденско рудно поле го има најголемиот потенцијал на бакарни руди во државата во наоѓалиштето Иловица“.

Документот констатира и дека Македонија сè уште не е силно развиена рударска земја и дека се потребни поголеми вложувања во регионални геолошки истражувања и создавање сериозни бази на геолошки податоци.

Како долгорочна насока се посочува зајакнување на рударскиот сектор преку поинтензивно искористување на минералните ресурси со примена на нови техники и технологии и принципите на одржливо користење.

Во Планот се нагласуваат и целите за одржливо искористување на минералните суровини, намалување на влијанието врз животната средина и одржливо управување со отпадот од преработката на рудата.

CATEGORIES
Share This