КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ ДОНЕСЕ МИЛИОНИ Агенцијата лани собра 2,6 милиони евра

Од продажба на недвижности, возила и одземени средства во државниот буџет се слеале над 2,5 милиони евра.

КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ ДОНЕСЕ МИЛИОНИ Агенцијата лани собра 2,6 милиони евра
Фото: Принтскрин

Агенцијата за управување со одземен имот (АУОИ) во 2025 година остварила значително повисоки приходи во споредба со претходната година. Според податоците од компаративниот извештај, приходите достигнале околу 2,62 милиони евра, што е речиси 90 отсто повеќе во однос на 2024 година, кога биле реализирани околу 1,38 милиони евра.

Од Агенцијата посочуваат дека во 2025 година биле наплатени двојно повеќе приходи, а истовремено бил зголемен и бројот на отстапени возила, друга стока и конфискуван недвижен имот.

„Во 2025 година АУОИ, што се однесува до остварени приходи, реализирала и наплатила 100% повеќе приходи во однос на 2024 година. Во 2025 година, АУОИ имала два пати поголем број на отстапени возила и отстапена разна стока на државни институции и два пати повеќе конфискувани недвижности“, наведува Агенцијата.

Најголемиот дел од средствата биле обезбедени преку продажба на недвижности, возила и одземени парични средства.

Во текот на 2025 година биле продадени пет недвижности во Охрид, Чаир, Кисела Вода и катастарската општина Богородица. Од овие продажби биле инкасирани околу 1,25 милиони евра. Иако во извештајот не е наведено од кои конкретни предмети потекнува секој имот, се претпоставува дека значаен дел од средствата се поврзани со конфискуван имот од случајот „Империја“.

Од приходите од продажбата на недвижностите, околу 1,16 милиони евра биле префрлени во државниот буџет, додека околу 87.000 евра останале на сметката на Агенцијата. Согласно правилата за распределба, 93 проценти од приходите од продажба се уплаќаат во Буџетот, а седум проценти се задржуваат како сопствен приход.

Зголемување е забележано и кај продажбата на возила. Во 2025 година биле продадени 30 автомобили за околу 132.000 евра, додека во 2024 година биле продадени само пет возила за околу 14.500 евра. Дополнително, 384 хаварисани возила биле продадени како старо железо, со што биле обезбедени уште околу 61.000 евра.

Дополнителни 1,18 милиони евра биле наплатени од имотна корист по судски пресуди и од конечно одземени парични средства. Целата оваа сума била уплатена во државниот буџет.

Од вкупно реализираните 2,62 милиони евра во 2025 година, околу 2,52 милиони евра завршиле во Буџетот, а приближно 101.000 евра останале на сметката на Агенцијата.

АУОИ е надлежна за преземање, чување, проценка, отстапување и продажба на имотот конфискуван врз основа на судски одлуки. Најголемиот дел од средствата добиени од продажбата на одземен имот и предмети се насочуваат кон државниот буџет.

CATEGORIES
Share This