СРБИТЕ ПРАКТИЧНО ЌЕ ИСЧЕЗНАТ Зборови на Туѓман пред операцијата „Бура“

На Бриони, неколку дена пред почетокот на операцијата, хрватскиот претседател зборувал за удар што требало да доведе до капитулација на српските сили – изјавата и денес предизвикува жестоки реакции.

СРБИТЕ ПРАКТИЧНО ЌЕ ИСЧЕЗНАТ Зборови на Туѓман пред операцијата „Бура“
Фото: Принскрин

На 5 август 1995 година, хрватските сили влегоа во Книн, откако претходно започна масовното повлекување на српското население од подрачјата под контрола на тогашната Република Српска Краина. Операцијата „Бура“ останува едно од најконтроверзните поглавја од војните во поранешна Југославија, со спротивставени толкувања во Хрватска и Србија за нејзиниот карактер и последиците.

Во пресрет на операцијата, на состанокот на хрватското државно и воено раководство на Бриони, тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман зборувал за начинот на кој треба да се спроведе воената акција. Во снимката од состанокот, која подоцна беше широко објавувана, Туѓман вели:

„Да им нанесеме такви удари на Србите практично да исчезнат, односно она што нема веднаш да го заземеме, да капитулира во рок од неколку дена.“

Изјавата со години е предмет на политички и историски полемики, особено во Србија, каде што се наведува како доказ за намерно протерување на српското население. По повод одбележувањето на годишнината од „Бура“, српскиот претседател Александар Вучиќ повторно се осврна на зборовите од Бриони.

„Дали по којзнае кој пат ја слушнавте познатата реченица на Туѓман од Бриони дека Србите „практично исчезнуваат“? – изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија нема да дозволи, како што рече, српскиот народ да биде заборавен или поделен.

Според податоците што ги наведуваат српските власти и организации кои ги претставуваат жртвите, за време на и по операцијата биле убиени или исчезнале околу 2.000 Срби, додека повеќе од 200.000 биле принудени или избегале од своите домови.

Операцијата започна на 4 август 1995 година, а до 7 август хрватските сили воспоставија контрола врз најголемиот дел од територијата на Република Српска Краина. Во следниот период биле регистрирани и убиства и други злосторства врз цивили, што дополнително го продлабочи спорот околу карактерот и последиците од операцијата.

Србија и Република Српска секоја година заеднички го одбележуваат Денот на сеќавање на загинатите и прогонетите Срби во „Бура“, додека во Хрватска истиот датум се одбележува како Ден на победата и татковинската благодарност и Ден на хрватските бранители.

CATEGORIES
TAGS
Share This