КСЗД УТВРДИ ВОЗНЕМИРУВАЊЕ НА РАБОТНО МЕСТО Шеф му велел „Циган“ на работник
Расправа поради погрешно измерена врата прераснала во етнички навреди и сериозен конфликт меѓу двајца колеги.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди вознемирување врз основа на раса, боја на кожа, потекло и етничка и национална припадност во работен однос, откако шеф кон работник од ромска националност употребувал навредливи и вулгарни зборови. Случајот започнал по расправија меѓу двајца колеги – работник Ром и работник Албанец откако при монтажа на противпожарна врата биле земени погрешни мерки. Според наводите во претставката, расправијата прераснала во вербален конфликт, при што биле разменети пцовки и етнички навреди.
Работникот од ромска националност во ноември 2025 година поднел претставка до КСЗД против својот претпоставен. Во неа навел дека двајцата биле вработени во фирмата околу два месеца пред инцидентот, кој се случил на 26 ноември. Според неговото сведоштво, за време на работата на терен во Тетово, претпоставениот почнал агресивно да го пцуе поради направената грешка при мерењето. Наводно, во текот на расправијата биле употребени и навреди врз етничка основа, по што околу нив се собрале неколку работници.
Пријавителот навел дека исплашен се упатил кон автомобилот, а навредите продолжиле и за време на враќањето кон Скопје. Тој тврди дека претпоставениот му покажувал тупаници и продолжил со вербалните закани. Во еден момент, според неговото сведоштво, колегата го фатил воланот и рекол дека ќе го сврти автомобилот. По враќањето во фирмата, работникот за случајот ја информирал и сопругата на сопственикот. Според претставката, пред неа претпоставениот повторно му се дерел и му се обратил со погрдни зборови, меѓу кои и „Циган“.
По пријавата, КСЗД се обратила до фирмата, каде што веќе била спроведена интерна дисциплинска постапка. Одговорноста била утврдена кај двајцата работници, на кои им биле изречени опомени. Фирмата во меѓувреме донела и Правилник за заштита од вознемирување на работното место, кој бил објавен на огласната табла. Од компанијата пред КСЗД посочиле дека конфликтот започнал откако работникот Ром направил сериозна професионална грешка при мерењето на вратата. Според нивното објаснување, наместо да ја признае грешката, тој се обидел да ја префрли одговорноста врз колегата. Во образложението се наведува дека работникот ги бришел погрешно запишаните мерки од ѕидот, а претпоставениот го снимил тоа со мобилен телефон.
Во своето произнесување пред КСЗД, пријавениот монтажер тврдел дека работникот прв го провоцирал и го нарекол со погрден назив за Албанците. Тој признал дека потоа возвратил со навреди. Иако во текот на постапката било утврдено дека и работникот Ром употребил етничка навреда кон својот колега, тој не бил предмет на претставка пред КСЗД од страна на Албанецот. Комисијата, сепак, утврдила дека однесувањето на пријавениот претставувало вознемирување врз дискриминаторска основа.
КСЗД му препорачала на пријавениот во иднина да се воздржи од постапување кон други лица врз основа на раса, боја на кожа, потекло и етничка или национална припадност, особено од однесување со кое се повредува достоинството или се создава заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка работна средина.

