ИНФАНТИНО ВО ПРОБЛЕМ – УЕФА има план Б, а ФИФА може да остане без најголемите репрезентации
УЕФА и останатите конфедерации наводно разгледуваат глобална Лига на нации, која би можела да прерасне во алтернатива на Светското првенство.

Идејата на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да се разгледува можноста за продажба на правата за организација на Светското првенство предизвика силни реакции кај голем број членки на светската фудбалска федерација. Најгласна во спротивставувањето била УЕФА, но несогласување стигнало и од други континентални конфедерации. По неколкудневните реакции и притисоци, Инфантино и ФИФА наводно се повлекле од спорната идеја. Сепак, според информациите што ги објавува британски „Скај“, конфликтот тука не завршува.
Противниците на Инфантино, наводно, сега бараат тој да поднесе оставка од функцијата претседател на ФИФА. Доколку тоа не се случи, се разгледува и многу посериозна опција – организирање паралелно глобално натпреварување, како и бојкот на одлуките и турнирите под капата на ФИФА.
Според „Скај“, УЕФА веќе има развиен концепт за глобална Лига на нации. Проектот бил подготвен уште во 2017 година, но досега не бил реализиран. Сега, тој документ би можел да стане основа за алтернативно меѓународно натпреварување, кое би го организирале континенталните конфедерации независно од ФИФА. Извор за британскиот медиум, наводно запознаен со случувањата, тврди дека противниците на Инфантино се цврсто решени да продолжат со планот.
„Сите се решени, сега нема враќање назад“, изјавил изворот.
Тој притоа поставил и прашање кое ја нагласува комерцијалната привлечност на идејата: дали најсилните јужноамерикански репрезентации би сакале да играат против Франција или Шпанија, наместо против селекции како Либан или Џибути?
Планираниот формат би бил значително поинаков од класичното Светско првенство. Според „Скај“, континенталните Лиги на нации организирани од УЕФА, КОНМЕБОЛ, КОНКАКАФ, АФЦ, КАФ и ОФЦ би служеле како квалификациска фаза. Најдобрите репрезентации од секоја конфедерација потоа би се пласирале во глобалната Лига на нации. Таму би биле распределени во седум различни турнири, според нивниот меѓународен ранг.
Секој турнир би имал по осум репрезентации и би се играл во нокаут-систем, почнувајќи од четвртфиналето. Полуфиналето и финалето би се одржувале во една земја домаќин. На највисокото ниво би се натпреварувале најдобрите репрезентации во светот, главно од Европа и Јужна Америка, додека останатите селекции би биле распределени во пониските нивоа. Целта на проектот е сите фудбалски асоцијации да добијат можност за учество во завршната фаза на глобалното натпреварување, но во рамки на турнири со поконкурентни и рамномерни состави.
Така, наместо едно Светско првенство со 48 репрезентации, календарот би можел да донесе седум паралелни „мини Светски првенства“, кои би се играле во ист период и би биле под администрација на континенталните конфедерации, а не на ФИФА. Доколку навистина дојде до реализација на ваквиот план, тоа би претставувало најсериозен институционален и спортски предизвик за ФИФА во поновата историја.

