„ЌЕ ГО ЧЕКАМ ВО ЧЕТВРТОК“ Зеленски го прифаќа предлогот за средба со Путин во Истанбул
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека е подготвен лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во четврток во Истанбул, во обид да се стави крај на војната.

Оваа објава претставува значителен пресврт во украинскиот став и доаѓа во момент на интензивни дипломатски напори за ставање крај на конфликтот.
„Нема смисла убиствата да продолжат. И ќе го чекам Путин во Турција во четврток. Лично“, напиша Зеленски.
Изјавата на Зеленски следи по повикот од американскиот претседател Доналд Трамп, кој побара од Украина да ја прифати понудата на Путин за директни преговори во Турција. Трамп изјави дека ваква средба може да открие дали постои реална можност за мир.
„Барем ќе можат да утврдат дали е можен договор. А ако не, европските лидери и САД ќе знаат како стојат и ќе можат да продолжат соодветно“, порача Трамп на социјалните мрежи, повикувајќи: „ОДРЖЕТЕ ГО ТОЈ СОСТАНОК, СЕГА!!!“
Предлогот за директни разговори дојде по самитот на европските лидери во Киев, кои повикаа на 30-дневен прекин на огнот почнувајќи од понеделник. Зеленски досега тврдеше дека Украина е подготвена за преговори, но само по формално воспоставување на прекин на огнот.
Сè уште нема официјална потврда од Кремљ дали Путин ќе ја прифати поканата и ќе отпатува во Истанбул.


