НЕ НИ ТРЕБА ПРЕВЕДУВАЧ, ТУКУ БРАНИТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА Единствена Македонија бара Фетаи да биде повлечен за претставник во Брисел
„Дали во Брисел праќаме преведувач или човек кој треба да ги брани македонските национални интереси?“ – прашува Единствена Македонија

Единствена Македонија бара Владата да ја повлече одлуката Арбен Фетаи да биде назначен за специјален пратеник на Македонија за Европската Унија во Брисел. Партијата смета дека одлуката е погрешна и неприфатлива а во Брисел веќе функцијата шеф на Мисијата на Македонија при Европската Унија ја извршува амбасадорот Зулфи Исмаили.
Од Единствена Македонија додаваат дека не станува збор за тоа кој на која етничка заедница ѝ припаѓа и дека на клучните места во Брисле се двајца Албанци, туку кој најсилно може да ги брани интересите на Македонија, а Фетаи можат, на пример, да го пратат во Шведска, Данска, Норвешка… но никако во Брисел каде се бие битката за Македонија и Македонците.
Од Единствена Македонија реагираат и на образложението на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој како еден од аргументите за изборот на Фетаи го посочил неговото познавање на странски јазици.
„Човек да се запраша: дали ние во Брисел праќаме преведувач или лице кое треба да ја брани Македонија и Македонците?“, прашуваат од партијата.
Според Единствена Македонија, Брисел е најзначајниот европски политички и дипломатски центар и токму таму треба да бидат испратени луѓе со знаење, способност, достигнување, беспрекорна биографија и особено важно, со силна национална и патриотска определба.
„Битката во Брисел не е натпревар во познавање јазици. Јазиците се корисни, но не се национална стратегија. Во Брисел се води битката за Македонија и Македонците“. „Што ќе брани Фетаи во спорот со Бугарија кога нема познавање на македонската историја и најголемиот дел од професионалниот ангажман го поминал работејќи за институции на Косово. Македонија се соочува со сериозни притисоци околу македонскиот идентитет, јазик, историја и бугарските барања, во Брисел мора да имаме луѓе кои точно знаат што треба да бранат и имаат силен мотив да ги застапуваат македонските интереси“, стои во реакцијата.
Во реакцијата се прави и паралела со деведесеттите години од минстиот век, кога познавањето на англискиот јазик тогашниот министер Љубомир Фрчкоски го претставуваше како клучна предност во однос на другите министри.
„Триесет години подоцна вреди да се постави едноставно прашање: дали знаењето англиски јазик на Фрчкоски ги одбрани националните интереси?“, прашува Единствена Македонија.
Во Брисел мора да бидат испратени не оние што само знаат јазици, туку оние што знаат што е Македонија, што треба да бранат и нема да отстапат од македонските национални интереси – се вели во денешната реакција на Единствена Македонија.

