ИЗБОРИ ВО АЛБАНИЈА Клучната битка меѓу блоковите на Рама и Бериша
Според изборниот закон во Албанија, партиите мора да освојат најмалку еден отсто од гласовите на национално ниво за да влезат во парламентот.

Денеска повеќе од 3,7 милиони регистрирани граѓани на Албанија излегуваат на гласање на парламентарните избори, единаесетти по ред од падот на комунистичкиот режим во 1991 година. Албанците ќе одлучуваат кој ќе ги заземе 140-те пратенички места во Собранието, при што во трката учествуваат 53 политички партии и три коалиции.
Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот по локално време на вкупно 5.225 локации низ целата земја. Овие избори се значајни и поради новината што овозможува 246.000 регистрирани гласачи во дијаспората да гласаат по електронски пат или преку пошта, процес што официјално завршува вечерва.
Во анкетите води владејачката Социјалистичка партија, предводена од актуелниот премиер Еди Рама, кој се надева на својот четврти мандат. Главниот опозициски предизвик доаѓа од Демократската партија, предводена од поранешниот премиер Сали Бериша, чииот блок – познат како великоалбанска алијанса – обединува 25 сојузнички партии.
Според изборниот закон во Албанија, партиите мора да освојат најмалку еден отсто од гласовите на национално ниво за да влезат во парламентот. За регуларноста на изборниот процес ќе се грижи и ОБСЕ, која ќе распореди околу 100 меѓународни набљудувачи низ државата.
Изборниот ден се одвива во сенка на засилена политичка тензија и интерес кај јавноста, додека се чека одговорот на прашањето: ќе добие ли Еди Рама уште еден мандат на чело на албанската влада?


