РАКЕТЕН ПЕКОЛ НА БЛИСКИОТ ИСТОК – САД удрија по Иран, Техеран возврати, Јордан собори пет ракети

Американските сили погодиле десетици цели поврзани со Иранската револуционерна гарда, додека Техеран возвратил со ракетни напади низ регионот.

РАКЕТЕН ПЕКОЛ НА БЛИСКИОТ ИСТОК – САД удрија по Иран, Техеран возврати, Јордан собори пет ракети
Фото: Принтскрин

Конфликтот на Блискиот Исток продолжува да се шири, откако САД извршија нови напади врз цели во Иран, додека Техеран возврати со ракетни напади врз цели во регионот. Јорданската воздушна одбрана собори пет ракети лансирани од Иран, соопшти јорданската државна новинска агенција „Петра“. Нападите следеа само неколку часа откако американската војска објави дека завршил „силниот бран напади врз Иран“, извршен како одговор на претходните ирански ракетни напади врз американските сили во регионот.

Од американската Централна команда (CENTCOM) соопштија дека американските сили повеќе од два часа гаѓале десетици цели поврзани со Иранската револуционерна гарда. Меѓу целите биле воени командни центри, објекти за ракети и беспилотни летала, крајбрежни системи за надзор и одбрана, како и поморски инфраструктурни објекти. Иранските државни медиуми јавија дека две лица биле повредени во американските напади на островот Кешм, во близина на Ормутскиот теснец. Експлозии биле пријавени и во покраината Хузестан.

Во меѓувреме, ирански напад врз северниот дел на Кувајт предизвикал штета на објект на кинеска компанија, при што загинал еден работник, соопшти кувајтската армија. Инцидентот се случил неколку часа откако јорданската противвоздушна одбрана соборила пет ирански ракети.

Пожари на бродови во египетско пристаниште

Конфликтот предизвика нов инцидент и во Египет. Напади со беспилотни летала предизвикале пожари на два брода во пристаништето Дамиета, соопшти британската компанија за поморска безбедност „Амбреј“. Засега нема потврда кој стои зад нападите врз американскиот брод за складирање и танкерот во грчка сопственост. Нема пријавени повредени. Египет досега беше меѓу ретките земји во регионот кои беа поштедени од директни воени дејствија во рамките на конфликтот. Доколку се потврди дека нападите се поврзани со Иран или негови сојузници, тоа би претставувало значително проширување на воената зона.

Саудиска Арабија испраќа порака до Техеран

Во Вашингтон, саудискиот министер за одбрана Халид бин Салман се сретнал со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс, изјавиле извори запознаени со средбата. Според нив, одлуката на Саудиска Арабија да се приклучи кон американските напади врз ирачките милиции имала за цел да му покаже на Иран дека Ријад нема да дозволи да бидат загрозени неговата нафтена индустрија и критичната инфраструктура. Сепак, саудиското раководство на средбата испратило порака дека сака деескалација на конфликтот и враќање на Вашингтон и Техеран на преговарачка маса.

Бродовите повторно го минуваат Ормутскиот теснец

Во меѓувреме, движењето на бродовите низ стратешкиот Ормутски теснец продолжува со намален интензитет. Катарскиот танкер за течен природен гас „Ел Ариш“, управуван од „Катар Енерџи“, безбедно го напуштил теснецот и продолжил кон пристаништето Касим во Пакистан. Станува збор за прв катарски брод регистриран во системите за следење кој го напуштил Ормутскиот теснец од 11 јули. Според податоците за поморскиот сообраќај, завчера низ Ормутскиот теснец поминале 12 комерцијални бродови – шест во влезна и шест во излезна насока. Низ теснецот Баб ел Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив, во истиот период поминале 19 бродови, што претставува намалување во однос на сообраќајот забележан на почетокот на неделата.

CATEGORIES
Share This