МАКЕДОНЕЦОТ ШТО ГО ОСВОИ МОНТ ЕВЕРЕСТ, НО ОСТАНА НА НЕГО Сеќавање на Диме Мурато
И денес, три и пол децении подоцна, неговото име останува синоним за храброст, пожртвуваност и љубов кон планината. Димитар Илиевски - Мурато не само што го освои Еверест, туку и срцата на генерации што следат.

На денешен ден, пред точно 36 години, македонскиот алпинист Димитар Илиевски – Мурато од Битола го запиша своето име во историјата со херојско искачување на највисокиот врв на светот – Монт Еверест. Како дел од македонската алпинистичка експедиција „Еверест ’89“, Илиевски успеа да го освои врвот на 8.848 метри надморска височина, остварувајќи подвиг кој засекогаш ќе остане запаметен во македонскиот спорт и алпинизам.
Искачувањето беше извршено од јужната, непалска страна на планината, заедно со словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Во експедицијата учествуваа и македонските алпинисти Борче Јовчевски и водачот на експедицијата Јован Поповски.
И покрај успешното искачување, трагичен пресврт го обележа крајот на оваа авантура. Димитар Илиевски никогаш не се врати од врвот. Неговото тело не беше пронајдено, а причината за неговата смрт остана непозната.
Според едно од можните сценарија, се претпоставува дека на висина од околу 8.200 метри, чекајќи го Стипе Божиќ кој имал проблеми со челната лампа, Илиевски накратко застанал – и никогаш повеќе не продолжил.
Илиевски останува запаметен како еден од најголемите алпинисти во македонската историја. Познат по својата страст кон планините и непоколебливата волја за справување со најголемите предизвици, тој остави длабок траг во алпинизмот. Во негова чест, на Пелистер е подигнато спомен-обележје, а постхумно му е доделен Медал за заслуги за Македонија.
Неговата алпинистичка кариера опфаќа импресивна низа искачувања: од врвовите во Македонија и на Балканот, преку Алпите – меѓу кои Мон Блан, Матерхорн, Монте Роза, Гросглокнер, Мармолада и бројни врвови во Доломитите – до експедиции во Јужна Америка и Азија. Во 1982 година ги искачи северниот и јужниот врв на Хуаскаран во Перу, а во 1984 година се искачи на Врвот на Комунизмот во Памир. Во 1986 година, како дел од хималајската експедиција на Манаслу, стигна до 7.500 метри.
Покрај високогорските подвизи, Димитар Илиевски е автор на бројни првенствени насоки на планинарски и алпинистички локации низ Македонија и пошироко: Матка, Солунска Глава, Демир Капија, Прилепските карпи, Пелистер, Проклетие, Вихрен и многу други.
И денес, три и пол децении подоцна, неговото име останува синоним за храброст, пожртвуваност и љубов кон планината. Димитар Илиевски – Мурато не само што го освои Еверест, туку и срцата на генерации што следат.


