КРАЈ НА ШАЛТЕРИТЕ Извозниците од денеска сертификатите ќе ги вадат онлајн

Новите дигитални услуги ќе им заштедат време и пари на компаниите за земјоделски производи и вино.

КРАЈ НА ШАЛТЕРИТЕ Извозниците од денеска сертификатите ќе ги вадат онлајн
Фото: Принтскрин

Две нови електронски услуги се достапни на националниот портал за услуги uslugi.gov.mk, со што компаниите ориентирани кон извоз ќе можат полесно да ги обезбедат потребните документи.

Станува збор за уверение за квалитет – сертификат за земјоделски производи, преработки и стоки, како и уверение за квалитет В1 – сертификат за извоз на вино, услуги кои ги обезбедува Државниот инспекторат за земјоделство.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека воведувањето на овие услуги претставува значаен чекор за македонските компании и директна поддршка за стопанството.

„На националниот портал од денеска се достапни овие две услуги на Државниот инспекторат за земјоделство. Тие се особено значајни затоа што директно го поддржуваат стопанството. За една компанија добивањето на овој документ не е само административно прашање“, изјави Андоновски.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, посочи дека досегашните сертификати во хартиена форма целосно преминуваат во дигитален формат, со иста правна важност.

„Со оваа дигитализација се поедноставува целокупната постапка за користење на услугите, се скратува времето за добивање на сертификатите, а се намалуваат и финансиските трошоци. Целосно е дигитализирана и постапката за плаќање на административните такси“, истакна Ангеловски.

Дигитализацијата на услугите е реализирана со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ). Во следниот период новите можности ќе бидат претставени и пред бизнис-заедницата, во соработка со Стопанската комора на Македонија.

CATEGORIES
Share This