РАМПА ЗА ЗЕЛЕНСКИ Унгарија ја закочи Украина на патот кон ЕУ

Будимпешта го одложи отворањето на два кластера, а Киев се соочува со нова пречка на патот кон членство во ЕУ.

РАМПА ЗА ЗЕЛЕНСКИ Унгарија ја закочи Украина на патот кон ЕУ
Фото: Принтскрин

Унгарија го блокирала почетокот на преговорите за два кластера во рамки на пристапните преговори на Украина со Европската Унија, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори. Според весникот, Будимпешта го одложила отворањето на вториот и третиот кластер, кои опфаќаат области поврзани со интеграцијата на единствениот пазар, како и економските и социјалните политики. Претставници на ЕУ сметаат дека за да се обезбеди поддршката од Унгарија ќе биде потребен значителен политички ангажман.

Будимпешта и натаму се спротивставува на забрзаното пристапување на Украина во ЕУ. Неименуван унгарски функционер за „Фајненшл тајмс“ изјавил дека Киев „не треба да добие поповолен третман“ од земјите од Западен Балкан, кои со години ги исполнуваат условите за членство. Унгарија, предводена од премиерот Виктор Орбан, претходно го блокираше процесот на приближување на Украина кон ЕУ, а според „Фајненшл тајмс“, Будимпешта продолжува да го забавува напредокот на пристапните преговори.

Преговарачкиот процес за членство во ЕУ опфаќа 33 поглавја, организирани во шест кластера, преку кои законодавството на земјата кандидат треба да се усогласи со правото на Унијата. За отворање и затворање на секој кластер е потребна едногласна согласност од сите 27 земји-членки. Сепак, отворањето на преговорите не значи дека земјата автоматски ќе стане членка на ЕУ, ниту пак определува конкретен рок за завршување на процесот.

Како пример се наведува Црна Гора, која пристапните преговори ги започна пред 14 години, иако се смета за една од земјите кандидати што се најблиску до членство. Од друга страна, Турција, која формално и натаму има статус на кандидат, преговара со ЕУ речиси 21 година, иако нејзините перспективи за членство во догледно време се оценуваат како многу ограничени.

CATEGORIES
Share This