ПО ДУРА И АПТИВ, УШТЕ ЕДНА КОМПАНИЈА ЗАТВОРА – БМЗ го напушта Скопје
Речиси 100 вработени се известени дека германската компанија до крајот на годинава ќе го затвори погонот во ТИРЗ Скопје и ќе го пресели производството во Полска.

Во јавноста излезе информација дека германскиот производител на батериски системи „БМЗ“ до крајот на годинава ќе го затвори производствениот погон во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Скопје. Производството од Северна Македонија ќе биде префрлено во Полска, а за одлуката веќе се известени речиси 100 вработени во македонската подружница.
Одлуката за затворање, според информациите, е донесена по сеопфатна економска анализа на работењето на компанијата. Од „БМЗ“ велат дека се свесни за последиците што ваквиот потег ќе ги има врз вработените и уверуваат дека процесот ќе биде спроведен одговорно и транспарентно.
„БМЗ го препознава влијанието кое оваа одлука ќе го има врз вработените во Северна Македонија. Компанијата е целосно посветена оваа транзиција да ја комплетира одговорно, транспарентно и со почит кон сите вработени“, се наведува во дописот на компанијата.
За планот за затворање на погонот е известена и Дирекцијата за ТИРЗ. Оттаму, пак, најавуваат можност дел од вработените да продолжат да работат кај друг инвеститор. Според информациите, инвеститор кој подолг период работи во земјава веќе покажал интерес да преземе дел од вработените на „БМЗ“. Засега не е откриено за која компанија станува збор, ниту колку работници би можеле да бидат преземени.
Во меѓувреме, од ТИРЗ најавуваат дека во наредните денови во Северна Македонија треба да пристигне и нов странски инвеститор од Европската Унија. Со него ќе се разговара за можноста да го преземе производствениот погон што ќе го напушти „БМЗ“. Засега нема информации за идентитетот на потенцијалниот инвеститор, ниту за дејноста во која работи – односно дали станува збор за компанија од автомобилската индустрија или за инвеститор од друг сектор.
Затворањето на погонот на „БМЗ“ доаѓа во период кога и други странски компании најавија или реализираа заминување од земјава. Претходно, „Аптив“ соопшти дека до крајот на годинава ќе го затвори својот производствен погон, додека американската компанија „Дура“ веќе ја затвори својата фабрика. Во случајот со „Дура“, од Дирекцијата за ТИРЗ најавија дека ќе побараат компанијата да врати дел од државната помош што ја добила.
Најавеното затворање на „БМЗ“ повторно го отвора прашањето за иднината на работните места и производствените капацитети што ги оставаат странските инвеститори. Од надлежните, пак, уверуваат дека се работи на привлекување нови компании, како и на можностите за преземање на дел од вработените од страна на други инвеститори.

