ДВА ДЕНА – ДВА ИНЦИДЕНТИ ВО КУМАНОВО Кој се обидува да ги разниша меѓуетничките односи

По вандализмот врз КУД „Српски вез“, со натписи „УЧК“ беа оштетени и мурали и графити во населбата Перо Чичо. Засега нема потврда дали двата случаи се поврзани, но инцидентите предизвикаа реакции и загриженост во јавноста.

ДВА ДЕНА – ДВА ИНЦИДЕНТИ ВО КУМАНОВО Кој се обидува да ги разниша меѓуетничките односи
Фото: Принтскрин

Само два дена беа доволни во Куманово да се регистрираат два одделни вандалски инциденти кои ја вознемирија јавноста и отворија прашања дали некој намерно се обидува да ги наруши меѓуетничките односи во градот. Откако викендов беше вандализиран објектот на Културно-уметничкото друштво „Српски вез“, во текот на ноќта со натписот „УЧК“ беа оштетени и повеќе мурали и графити во населбата Перо Чичо.

Двата настана предизвикаа реакции и осуди од политичари и локалните власти, додека надлежните институции работат на расчистување на случаите. Првиот инцидент се случил во ноќта меѓу петок и сабота, кога непознати лица го вандализирале објектот на КУД „Српски вез“. На ѕидовите биле испишани графити со натпис „УЧК“.

Од Секторот за внатрешни работи информираа дека случајот со „Српски вез“ е пријавен, извршен е увид и се преземаат мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на настанот. Додека јавноста ги очекува резултатите од истрагата, во текот на ноќта бил регистриран уште еден сличен инцидент.

На повеќе мурали и графити во населбата Перо Чичо биле испишани натписи „УЧК“, што дополнително ги засили сомнежите дека станува збор за намерно испраќање пораки кои можат да предизвикаат меѓуетнички тензии. Засега нема информации дали двата инциденти се поврзани и дали зад нив стојат исти сторители.

Куманово со децении важи за еден од најмултиетничките градови во државата, каде што различни етнички заедници живеат и функционираат заедно. Токму затоа, ваквите случаи предизвикуваат особено внимание и го отвораат прашањето дали станува збор за изолирани вандалски чинови или за обид намерно да се нарушат меѓуетничките односи и да се создадат нови тензии.

CATEGORIES
TAGS
Share This