ЌЕ ПАДНАТ ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА Мицкоски најави поголемо намалување на дизелот и бензините

Премиерот очекува нова корекција на цените по падот на берзанската цена на нафтата.

ЌЕ ПАДНАТ ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА Мицкоски најави поголемо намалување на дизелот и бензините
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела да дојде до поголемо намалување на цените на дизелот и бензините, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) вчера донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,55 проценти.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се размислува за намалување на акцизите или ДДВ-то, Мицкоски посочи дека акцизите се анализираат на секои две недели, а новата пресметка ќе биде направена во понеделник, по завршувањето на периодот до 31 јули.

„На секои две недели се анализираат акцизите. Сега завршува втората половина од месецот и веќе во понеделник ќе направиме просек за тој период. Врз основа на тие параметри ќе се делува врз цената на нафтените деривати“, изјави Мицкоски за време на посетата на општина Илинден.

Тој нагласи дека цената на нафтата на светските берзи во последните два дена бележи пад и оти во моментов се стабилизира на ниво од околу 85 до 86 долари за барел.

„Следната недела очекувам поголемо намалување на цената на дизелот и бензините“, рече премиерот.

Мицкоски додаде дека нафтените деривати се берзански производ и дека сите држави набавуваат од истиот светски пазар. Според него, Македонија во моментов има најниски цени на дизелот и безоловниот бензин во регионот, а се наоѓа и меѓу земјите со најниски цени во Европа. Според последната одлука на РКЕ, од полноќ максималната малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 93 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се продава по максимална цена од 95 денари за литар.

Од РКЕ објаснија дека корекцијата е резултат на растот на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари. Сепак, утврдените цени се максимални, што значи дека трговците на големо и мало имаат можност да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени од законски утврдените максимални износи.

CATEGORIES
Share This