BMW ПОВЕЛКУВА 744.000 АВТОМОБИЛИ Дефектот може да предизвика пожар
Големото повлекување опфаќа повеќе популарни модели произведени во последните години, а сопствениците ќе добијат бесплатна замена на стартерот.

Германскиот автомобилски гигант BMW повлекува 744.234 возила ширум светот поради дефект на стартерот кој, во исклучително ретки случаи, може да предизвика краток спој и пожар. Од вкупниот број, околу 42.300 возила се наоѓаат во Германија, соопшти Германскиот федерален орган за моторен транспорт (KBA).
Причината за повлекувањето е производствена грешка. Според KBA, неправилностите можат да предизвикаат создавање наслаги во стартерот, со што се зголемува електричниот отпор. При стартување на моторот или повторно активирање на системот, тоа во ретки случаи може да доведе до краток спој и да предизвика пожар.
Со повлекувањето се опфатени повеќе модели на BMW, меѓу кои „Серија 3“, „Серија 4“, „Серија 5“, „Серија 6“, „Серија 7“, како и „X3“, „X4“, „X5“, „X6“, „X7“ и „Z4 Roadster“. Станува збор за возила произведени во периодот од 31 јули 2020 до 26 февруари 2026 година.
Поправката ќе биде бесплатна, а стартерите ќе бидат заменети во овластените сервисни центри на BMW.
KBA ќе го следи спроведувањето на повлекувањето. Сопствениците на засегнатите возила во следните недели треба да добијат известување од BMW или од германските надлежни институции. Дополнително, се препорачува проверка на ВИН-бројот во овластен сервис за да се утврди дали конкретното возило е опфатено со повлекувањето.


