ВЛАДАТА СТАРТУВА СО GOVTECH ПРОГРАМИ Хакатон „Кликни безбедно“ за безбедно на младите
Настанот е дел од проектот MKSafeNet, иницијатива под капа на Министерството за дигитална трансформација, чија цел е подигнување на дигиталната безбедност и едукација меѓу младите.

Владата ја започнува реализацијата на уште едно изборно ветување преку лансирање на GOVTECH програми, наменети за развој на дигитални решенија кои одговараат на реалните потреби на граѓаните. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, при отворањето на првиот младински GOVTECH хакатон „Кликни безбедно“, што денеска се одржува на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Настанот е дел од проектот MKSafeNet, иницијатива под капа на Министерството за дигитална трансформација, чија цел е подигнување на дигиталната безбедност и едукација меѓу младите.
„Со овој настан, но и со целиот проект, сакаме да покажеме дека технологијата не е тука за да ги замени луѓето, туку да ги поврзе – и да им даде алатки што ги штитат, едуцираат и охрабруваат,“ изјави министерот Андоновски во своето воведно обраќање.
Тој додаде дека GOVTECH иницијативите се конкретна реализација на владините заложби за дигитална трансформација, во кои младите не се само корисници, туку и активни креатори на иновативни решенија.
„Најдобрите дигитални алатки не доаѓаат од владини згради, туку од училишни клупи полни со идеи, од факултетите, од средните училишта,“ рече Андоновски, нагласувајќи дека младите се „сегашноста, а не само иднината“.
Хакатонот „Кликни безбедно“ собира средношколци од сите краеви на Македонија, поделени во тимови со различни дигитални вештини – од програмирање до дизајн и иновации. Тие во текот на настанот ќе развиваат решенија за конкретни проблеми од областа на дигиталната безбедност.
„Со MKSafeNet создаваме мрежа за дигитална заштита на младите. Вие сте доказ дека дигиталната писменост, креативноста и одговорноста може да одат рака под рака,“ заклучи министерот Андоновски.
Хакатонот е првиот чекор кон градење функционален GOVTECH екосистем во Македонија, кој се темели на соработка меѓу институциите, образовниот сектор и младите иноватори.


