МАЃАР УДРИ ПО ОРБАН Македонија доби заем со камата пониска од онаа за Унгарците, ќе има одговорност
Новата унгарска влада отвора истрага за четири спорни зделки на Ексимбанк, меѓу кои и милијардерскиот заем за Македонија – се проверува дали унгарските даночни обврзници биле оштетени за стотици милиони евра

Новата унгарска влада тврди дека кредитот бил одобрен со многу пониска камата од онаа по која се задолжувала самата Унгарија, што, според премиерот Петер Маѓар, го чинело буџетот околу 250 милиони евра.
Новата унгарска влада предводена од премиерот Петер Маѓар започнува истрага за четири контроверзни заеми од државната Ексим банка, меѓу кои е и кредитот од една милијарда евра што владата на Виктор Орбан ѝ го одобри на Владата на Христијан Мицкоски. Одлуката била донесена на денешната владина седница, а Маѓар на прес-конференција изјави дека постои сомнеж за економска штета и нетранспарентно користење на јавните средства.
Според него, заемот за Македонија бил одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти, што било значително пониско од каматите по кои се задолжувале унгарската држава, граѓаните и домашните компании.
„Оваа трансакција ќе го чини унгарскиот буџет повеќе од 90 милијарди форинти, односно околу 250 милиони евра, само поради разликата меѓу пазарната и субвенционираната каматна стапка“, изјави Маѓар.
Тој додава дека целиот кредит бил обезбеден со 100-процентна државна гаранција, иако Македонија била оценета како земја со значителен кредитен ризик. Кредитот од една милијарда евра беше наменет за отплата на еврообврзница во износ од 500 милиони евра, додека преостанатите 500 милиони беа распределени за проекти на локалната самоуправа и поддршка на македонските компании.
Маѓар откри и дека претходната влада на Орбан дала согласност за уште еден заем од 500 милиони евра за Македонија, но средствата никогаш не биле исплатени бидејќи, според него, државната каса веќе била испразнета, а се приближувале парламентарните избори. Тој оцени дека наместо да ги поддржи унгарските компании, владата на Орбан обезбедила повластен заем за странска држава, што отвора сомнежи дека средствата биле искористени за зајакнување на политичките сојузници и за позиционирање на блиски компании.
Министерството за економија и енергетика веќе поднело пријави за сите четири спорни случаи, а истрагата ќе ја водат надлежните органи. Вкупната вредност на спорните трансакции изнесува околу 1.000 милијарди форинти, односно речиси три милијарди евра. Покрај заемот за Македонија, предмет на проверка се и кредити поврзани со изградба на мост меѓу Замбија и ДР Конго, како и проект за испорака на железнички вагони во Египет. Според Маѓар, во сите овие зделки значајна улога имал тогашниот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Премиерот порача дека неговата влада нема да дозволи злоупотреба на јавните средства, политички мотивирани привилегии и нетранспарентни државни одлуки да останат без правна одговорност.


