РЕЧИСИ 50 МИЛИОНИ ЕВРА ИСЧЕЗНАА ОД ОПШТИНСКИТЕ КАСИ Ревизорите открија шокантни податоци за ненаплатените даноци
Милионски долгови останале ненаплатени, а 3,8 милиони евра даночни обврски биле отпишани – најголем проблем е наплатата на данокот на имот.

Речиси 50 милиони евра што требало да завршат во општинските буџети останале ненаплатени во периодот од 2020 до 2024 година. Станува збор за локални даноци, такси и други надоместоци, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Најголем дел од ненаплатените обврски се однесуваат на данокот на имот. Според ревизорите, дури 67 проценти од фактурите биле постари од пет години, што е показател за слаб фискален напор и недоволна ефикасност во наплатата. Дополнително, околу 3,8 милиони евра даночни обврски што требало да се слеат во локалните каси биле отпишани.
Ревизорите посочуваат и проблеми со наплатата на надоместоците за уредување на градежното земјиште. Отсуството на јасни критериуми за плаќање на рати, различните практики при обезбедувањето на побарувањата, како и нецелосното следење на наплатата, довеле до акумулирање на значителни долгови.
„Отсуството на јасно утврдени критериуми за одобрување и плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште на рати, различната пракса во обезбедувањето на побарувањата – банкарска гаранција и изјава на нотар – и нецелосното следење на наплатата, во 14 општини акумулирале ненаплатени побарувања во висина од 826.399 илјади денари, за периодот 2020-2024 година“, се наведува во извештајот.
Податоците од ревизијата покажуваат и значителни разлики меѓу општините во однос на успешноста во собирањето на приходите од даноци, такси и надоместоци. Руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево, генерално имаат послаба наплата во споредба со урбаните општини. Најуспешни во собирањето даноци се Град Скопје, Карпош, Чаир, Аеродром и Кавадарци, додека најслаб фискален капацитет е регистриран во Зрновци, Новаци, Лозово, Кратово и Желино.
Ревизорите предупредуваат и на несоодветно воспоставен надзор на централно и локално ниво. Во моментов, контролата на наплатата ја врши само еден инспектор од страна на Управата за јавни приходи, додека во сите општини има вкупно 16 даночни инспектори. Нивна задача е да проверуваат дали обврзниците ги пријавиле своите обврски за даноци и комунални такси, но немаат надлежност да изрекуваат глоби, што дополнително ја отежнува ефикасната контрола и наплата.


