НОВ УДАР ПО ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА Мицкоски најави нови мерки, на маса и повторно намалување на ДДВ

Владата анализира дали интервенцијата ќе биде генерална или таргетирана, а премиерот вели дека кризна состојба овозможува преземање дополнителни мерки.

НОВ УДАР ПО ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА Мицкоски најави нови мерки, на маса и повторно намалување на ДДВ
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе преземе дополнителни мерки доколку продолжи растот на цените на горивата. Во моментов се анализира дали новите мерки ќе бидат таргетирани или ќе важат за сите граѓани, како што беше случајот со претходните интервенции. Една од опциите што ја разгледува Владата е повторно намалување на ДДВ за горивата. Мицкоски посочи дека за преземање на вакви чекори постојат правни механизми, особено по прогласувањето на кризна состојба на територијата на целата држава.

„Ја следиме состојбата. Како Влада веќе донесовме мерка со намалување на дел од акцизите за бензините и дизел горивата. За жал, цената на берзите расте и денеска повторно се доближува до психолошката граница од 100 долари за барел. Воените дејствија во Заливот се вжештуваат и се интензивираат, така што очигледно повторно нè очекуваат предизвикувачки денови“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владата дополнително ги анализира можностите за интервенција, при што се разгледува дали мерките ќе бидат генерални или таргетирани.

„Важно е дека имаме основа. Прогласивме кризна состојба на целата територија на државата до октомври и ги имаме сите правни механизми за да го преземеме овој чекор“, рече премиерот.

Одговарајќи на прашањето дали постои можност повторно да се намали ДДВ-то за горивата, Мицкоски потврди дека и оваа опција е на маса. Сепак, според него, тоа е една од најмалку посакуваните мерки поради влијанието врз буџетските приходи.

„Да, се разбира, и тоа е една од опциите. Тоа е можеби најмалку посакуваната опција од аспект на тоа што сите денеска зборуваат за расходите, а никој не зборува за приходите. Намалувањето на ДДВ-то директно би се одразило врз приходите во Буџетот. Но, нам ни е важен стандардот на граѓаните. Сакаме како Влада секогаш кога е потребно да им излеземе во пресрет на граѓаните“, истакна Мицкоски.

Премиерот ова го изјави при присуството на пуштањето во употреба на реконструираниот базен во Кавадарци.

CATEGORIES
Share This