ТРАМП ПРЕД НОВА ВОЕНА ОДЛУКА – САД подготвуваат напад во уште една земја

Доколку Трамп ја одобри операцијата, Мали би станала осмата земја во која САД би извршиле воени напади од почетокот на неговиот втор мандат.

ТРАМП ПРЕД НОВА ВОЕНА ОДЛУКА – САД подготвуваат напад во уште една земја
Фото: Принтскрин

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за воена акција во Мали против групата ЈНИМ (Џамаат Нусрат ал-Ислам вал-Муслимин), поврзана со Ал Каеда, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на актуелни и поранешни американски функционери запознаени со дискусиите. Доколку Трамп ја одобри операцијата, Мали би станала осмата земја во која американскиот претседател наредил воени напади од почетокот на неговиот втор мандат.

Сепак, во администрацијата во Вашингтон засега нема консензус околу воената опција. Еден од најгласните поддржувачи на ваквиот пристап е Себастијан Горка, виш директор за борба против тероризмот во Советот за национална безбедност. Од Пентагон засега не сакаат да ги коментираат информациите. ЈНИМ во последните години значително ја зајакна својата позиција во Мали, а нејзините напади почнаа да се шират и кон крајбрежните држави во Западна Африка. Групата се смета за една од најмоќните и најдобро вооружените милитантни организации во регионот.

Мали, земја со речиси 25 милиони жители, со години се соочува со насилство од исламистички групи, но и со репресивни мерки на воената хунта која е на власт. Дополнителна улога имаат и руските платеници ангажирани од властите во Бамако. Минатата година милитантите започнаа блокада на снабдувањето со гориво, што сериозно го наруши функционирањето на земјата, додека оваа пролет следуваа координирани напади на повеќе локации. Мали, заедно со Буркина Фасо и Нигер, по воените преврати во последните години ја намалија соработката со западните земји и се свртеа кон Русија за безбедносна поддршка.

Американски функционер задолжен за прашањата поврзани со Мали ги критикуваше и локалните власти и нивните руски партнери, оценувајќи дека Москва не се покажала како ефикасен безбедносен партнер. Потенцијалната американска воена операција би носела дополнителни ризици поради присуството на руски сили во регионот. Во таков случај, Вашингтон и Москва би можеле да бидат принудени да воспостават механизми за избегнување директни инциденти, слично на договорите што претходно постоеја во Сирија.

Дел од експертите, сепак, предупредуваат дека американските воздушни напади би можеле дополнително да ја влошат безбедносната ситуација. Васим Наср, експерт за регионот Сахел, смета дека САД би можеле да имаат поголем ефект доколку се фокусираат на политичко решение и извршат притисок врз воената хунта во Мали да започне разговори со ЈНИМ и со други противници кои се маргинализирани од властите.

„Повторното избирање на воено решение нема да го реши проблемот“, предупредува Наср.

Тој потсетува дека Франција десет години се обидувала да ја стабилизира ситуацијата во Сахел, додека Русија тоа го правела последните пет години, но безбедносната состојба во меѓувреме продолжила да се влошува. Експертката за Сахел, Корин Дуфка, пак, предупредува дека евентуалните американски напади би можеле да предизвикаат одмазднички акции од страна на ЈНИМ, вклучително и напади врз американски цели или граѓани во регионот. Според неа, таквиот потег би можел да има спротивен ефект од посакуваниот и наместо да ја намали заканата, дополнително да ја продлабочи кризата во нестабилниот регион.

CATEGORIES
Share This