ВНИМАНИЕ: ВОДАТА ВО ВАЛАНДОВО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПИЕ – Откриено зголемено ниво на арсен
Анализите покажале 14 микрограми арсен на литар, над дозволената граница од 10 микрограми – водата до понатамошно известување може да се користи само за технички потреби.

Жителите на Валандово од денеска не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна, откако лабораториските анализи покажале зголемено присуство на арсен. Во испитаните примероци биле измерени 14 микрограми арсен на литар вода, што е над законски дозволената граница од 10 микрограми.
Од Јавното претпријатие „Комунален сервис“ информираат дека до понатамошно известување водата може да се користи исклучиво за технички потреби. Во меѓувреме се вршат дополнителни испитувања со цел да се утврди причината за зголемената концентрација на арсен и да се утврди степенот на зафатеност на водоснабдителниот систем.
Надлежните институции веќе земале нови примероци за анализа, но засега нема официјални информации дали проблемот е ограничен на одреден извор или се однесува на поширок дел од водоводната мрежа. Не е познато ниту колку долго концентрацијата на арсен во водата е над дозволеното ниво.


