ВОЗАЧИ, ВНИМАНИЕ Забрани за камиони и посебен режим на патот кон Охрид
На „Богородица“ се чека околу 15 минути за излез од државата, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, информира АМСМ. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен. Зголемена фреквенција на возила има на граничниот премин „Богородица“, каде времето на чекање за излез од државата е околу 15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од земјата.
АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.
Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Од 15 април, патниот правец Охрид–Ресен, преку Националниот парк „Галичица“, е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.
Во периодот од 1 јули до 31 август на државните патишта важи летен режим на сообраќај, со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени периоди за време на викендите и при екстремно високи температури.
Забраната вообичаено важи во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 9 до 18 часот и во недела од 9 до 22 часот. Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, забраната важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11 до 17 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и на возила што вршат превоз за компании ангажирани на проекти на државните патишта согласно договори со ЈП за Државни патишта.
Посебен режим важи и на магистралниот пат А2, на делницата Скопје–Охрид–Скопје, со важност до 1 септември. Таму е забрането движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите. Забраната важи во петок од 15 до 22 часот, во сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот, а во недела од 7 до 22 часот.
Посебниот режим е воведен во летниот период со цел да се намалат сообраќајните застои на патот кон Охрид, да се избегнат поголеми задржувања на наплатните станици и да се овозможи побрз проток на возилата и непречено движење на туристите. Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.


