УКРАДЕНИОТ НАКИТ СЕ УШТЕ ГО НЕМА а галеријата во Лувр повторно се отвора
По спектакуларната кражба во која исчезнаа осум предмети од францускиот крунски накит, „Аполон“ повторно ќе биде отворена за посетители, но највредните експонати ќе бидат преместени во специјално обезбеден трезор.

Галеријата „Аполон“ во парискиот музеј Лувр, од која минатата година беше украден скапоцен накит вреден околу 88 милиони евра, од утре повторно ќе биде достапна за посетителите. Информацијата ја потврдил добро упатен извор, откако претходно ја објави францускиот весник „Ле Паризиен“. На повторното отворање се очекува да присуствува и министерката за култура, Катрин Пегар.
Директорот на Лувр, Кристоф Лерибо, за „Ле Паризиен“ изјавил дека сите вредни предмети и колекции кои претходно биле изложени во галеријата се отстранети. Големата кражба се случи во октомври минатата година, кога група крадци маскирани како градежни работници успеале да влезат во галеријата со помош на кран поставен на камион. Од музејот биле однесени осум предмети од францускиот крунски накит, кои и понатаму не се пронајдени.
Според Лерибо, скапоценостите што останале во музејот ќе бидат изложени во специјално обезбеден простор – трезор без прозорци. Кражбата предизвика огромен меѓународен интерес и отвори сериозни прашања за безбедноста на Лувр, најпосетуваниот музеј во светот, кој годишно привлекува околу девет милиони посетители. Случајот предизвика и сериозна криза во управувањето со музејот, по што од директорската функција беше разрешена Лоренс де Кар.


